Нов дизајнерски смер за електричните модели
Genesis во Њујорк понуди преглед на изгледот на следната генерација електрични автомобили
Преку студија спакувана во купе тело и нагласени светлосни групи Genesis најави во кој смер ќе се одвива изгледот на идните електрични возила што ќе се појават во оваа декада. Датата на претставувањето и локацијата се совпаѓаат со Њујоршкиот мотор шоу, само што премиерата се одвиваше на другиот крај на Менхетн, во ново отворената „Куќа на Genesis“.
Веднаш е дадено до знаење дека Genesis X Speedium Coupe не е наменет да биде само ревијален автомобил, туку и пример за идниот дизајн на Genesis. Предниот дел на возилото ги прикажува светлата со „две линии“ карактеристични за Genesis како елемент што поминува низ целата ширина. Лицето е наменето да ја симболизира трансформацијата на Genesis во чист бренд на електрични автомобили што ќе понуди шест БЕВ модели до 2030 година.
Гледано одозгора, силуетата на каросеријата е инспирирана од песочен часовник и ја нагласува страста и карактерот на автомобилот. Заоблените лакови на тркалата даваат мускулест впечаток. Кога се гледа од страна, параболичната линија што се протега од напред кон задниот дел создава посебна напнатост во „анти-клин“ дизајнот што формира рационализиран изглед. Надворешноста зрачи со елеганција, но наговестува дека моќта излегува од под кожата.
Оваа студија е потпишана од Лук Донкерволке, одговорниот за дизајн на групацијата Hyundai, и би требало идните модели во голема мерка да го превземат скулптуралниот дизајн украсен со судир на форми и светлосни групи. Во следните години Genesis ќе понуди возбудливи модели со современи технологии, а нагорниот тренд на продажба забележан во Северна Америка и Азија ги оправдува амбициите што ги има марката на Стариот континент. Во Европа Genesis пред неколку месеци започна со официјална продажба на големите пазари, а дистрибутивната мрежа перманентно ќе се проширува и на останатите.


