Синиот овал забрзано се електрифицира
Ford најави седум целосно електрични автомобили и комбиња во следните две години.
Компанијата очекува годишна продажба на повеќе од 600.000 електрични возила во Европа и два милиони единици ширум светот до 2026 година. Следната година Ford ќе започне со производство на потполно нов целосно електричен модел во Келн. Станува збор за кросовер со автономија од 500 километри што ја користи платформата MEB од партнерот за соработка Volkswagen. Од 2024 година во главниот погон ќе се произведува уште еден кросовер. Покрај тоа, најпродаваниот модел на Ford во Европа, Puma, ќе биде достапен како чисто електрично возило од 2024 година и ќе се произведува во Крајова, Романија. Transit Custom во сегментот на комбиња од еден тон и Tourneo Custom со висок покрив ќе стартуваат веќе во 2023 година. Следната генерација на помали возила, целосно електричните Transit Courier и Tourneo Courier, ќе следи во 2024 година. Со Ford Model e, компанијата неодамна има и нова глобална деловна единица која се фокусира на развој, производство и продажба на електрични возила. Заедно со одделот за комерцијални возила Ford Pro, двете деловни единици ќе ја одредат иднината на Ford во Европа. Заедничко вложување во производство на батерии за комерцијални возила се планира и во Турција заедно со два партнери. Планираниот годишен капацитет ќе биде од 30 до 45 гигават часови.

