Чист, тивок и практичен
објавено на 14 март 2022
Yamaha која со децении е еден од најреспектабилните производители на скутери во класата до 50 кубни сантиметри, сврте нова страница и со претставувањето на Neo’s започна да го електрифицира овој сегмент. Наменет за Европа, тој презеде многу нешта од своите бензински браќа. Изгледот му е стилски скоро идентичен, а и техничката основа не се многу разликува. Внимателното око сепак ќе го забележи електромоторот интегриран во задното тркало, како и 13-инчните пневматици со низок отпор на тркалање посебно развиени за него. Под седиштето има место за кацига, но само во основната верзија која се испорачува со една батерија чиј капацитет е доволен за околу 35 километри возење. За полнење се потребни цели 8 часа, а кој бара повеќе може да докупи уште една батерија со што автономијата се удвојува.
Yamaha Neo’s има два режима на возење. Стандардно излезната моќност на електромоторот е 2,8 коњски сили а максималната брзина 40 километри на час. Во економичниот режим на возење моќноста е ограничена на нешто над 2 коњски сили а брзината на 35 километри на час, со што траењето на батеријата се продолжува. Овој скутер може да се поврзе со телефон преку апликација која ги снима податоците за возењето. На избрани европски пазари во продажба ќе се најде во мај, по цена која надминува три илјади евра.

