Ламја на две тркала
објавено на 16 февруари 2022
Срце на бунтовник, а душа на џентлмен – така Brabus го претстави својот прв мотоцикл. Настана како резултат на соработката со КТМ, од каде стигна целата механика – 1,3 литарскиот V2 агрегат од Super Duke навиен на 180 коњски сили кој може чуда да направи. Што точно ќе знаат само 154-те среќни сопственици кои беа најбрзи, бидејќи точно толкуте предвидени примероци он-лајн беа распродадени за само минута и 55 секунди. Цената не беше позната, ама таа најмалку е битна. Она што е битно е дека овој ултимативен нејкед мото-новитет е посебно конструиран за фанатиците кои не бираат дали ќе се возат на две или четири тркала. Останува непознато дали Brabus ќе продолжи со ваквите надградби за кои сигурни сме дека ќе има повеќе од голем интерес. Ако пак мора да споменеме што се тие бидејќи ниту Brabus ниту KTM не ги објавија како треба, прв на списокот ќе биде оклопот од јагленородни влакна. Се знае и за специјалните тркала и загреваното седиште, како и за полуактивното ослонување, петте режима на возење и недвојбено врвните компоненти. Другото е мистерија.



