Нов бренд возила на нашиот пазар
Пристигнаа италијанските кросовери од марката DR
Објавено на 28 декември 2019 година
Во новата година македонскиот автомобилски пазар ќе влезе побогат за уште марка возила – DR Automobiles. Оваа италијанска марка е специјализирана за кросовери по потекло од Кина кој во погоните во местото Макија д’Изернија на три часа патување од Рим се одработуваат и доопремуваат за да ги задоволат европските барања и вкусовите на купувачите. Главен добавувач им е Chery, кој веќе се има докажано кај дел од нашите возачи. Основана е во 2006 година од страна на поранешниот тркач Масимо Ди Рисио, чии иницијали од презимето се искористени за нејзиниот назив. Стартувајќи со невообичаен начин на продажба, компанијата за кратко време успеа да стане позната не само во Италија. Денес располага со мрежа од 70-тина дилерства и повеќе од сто сервиси во земјата, која започна да се шири и надвор од нејзините граници.
Од неодамна, на списокот земји во кои се продаваат возилата на DR Automobiles се најде и Македонија. За почеток ќе се нудат три модела, сите со интересна цена. Така најмалиот DR3 кој се нуди со 1,5 литарски мотор со 106 коњски сили чини 14.900 евра, поголемиот DR4 со 1,6 литарски мотор со 115 коњи 16.900, а DR6 кој располага со турбо мотор со 150 KS за 19.800 евра. Значајно е тоа што сите модели можат да се добијат фабрички конвертирани да работат на течен нафтен гас, за што се доплатуваат 1.000 евра. Опременоста им е натпросечна, што можете и сами да го дознаете ако го посетите проданжно-сервисниот центар на Ци-Лаз, кој се наоѓа на булеварот Трета македонска бригада во Скопје.



