Плод на соработката на три компании
Toyota го претстави вториот електричен модел од beyond Zero семејството. Ја има ознаката bZ3 и е плод на соработката со кинеските компании FAW и BYD. Веќе тоа јасно асоцира дека е наменет за кинескиот пазар – за пласман во другите региони засега нема информации. Роднинските врски со електричниот кросовер bZ4X се очигледни. Развојниот тим посебно внимание посвети на аеродинамиката, што се гледа од зашилениот преден дел, елегантно спуштениот покрив назад, скриените рачки на вратите и сé останато што довело до тоа коефициентот на отпор на воздухот да биде само 0,218.

Во внатрешноста на овој 4,7 метри долг автомобил се среќава вистинска ризница нетипични решенија, и тоа не само по стандардите на Toyota. Мигавците на пример се активираат со притискање на копчиња поставени на обрачот на управувачот, додека со светлата и бришачите се управува со рачка на неговиот столб. Рачките за отворање на вратите одвнатре се вградени во наслоните за раце, а прозорците се отвораат и затвораат преку само еден тастер. Списокот чуди решенија тука не завршува, па така багажникот се отвора преку екранот на допир од мултимедијалниот систем.

Што се однесува до архитектурата, таа е идентична како и кај bZ4X. Но електромоторите и батериите се различни бидејќи ќе ги испорачува BYD. Автономијата која според кинескиот тест-циклус се искачува до 600 километри, а на располагање ќе бидат две верзии – со 184 или 245 коњски сили. Производството ќе биде доверено на FAW, а продажбата ќе започне во првите месеци идната година.


