Разбивање на ординарното!

Со претставувањето на новиот 408 Peugeot влегува во жешкиот дизајнерски тренд на купе кросовери, а со тоа, можеби најавува дека полека сака да навлезе во премиум сегментот.
Според номенклатурата и димензиите новитетот е позициониран помеѓу 308 и 508 но останува во компактниот сегмент. 408 е нов глобален модел што ќе се произведува во Мулуз и во Кина каде ќе ја има додавката „Х“. Поставена на прилично долго меѓуоскино растојание (2.787 мм) каросеријата е скулптурално обликувана, а податокот дека е долга 4.690 mm ќе ги израдува патниците со многу простор.
Силуетата е нетипично ниска за купе кросовер и бележи рамно 1,5 метри. Динамичниот и храбар дизајн е на секаде. За оваа пригода модифицирана е маската на ладилникот и фаровите кои како да се излиени и од нив започнува да се растегаат линии што ја формираат купеовската форма. Она што ќе дојде во конфликт со традиционалистите е задниот дел чија квадратна форма е разбиена.
Посебните отвори над поклопецот на багажникот во Peugeot ги нарекуваат мачкини уши и тие ја подобруваат аеродинамиката. Во целина 408 делува монолитно а потписот на дизајнот, „очњаците“ напред и „лавјата канџа“ на задниот дел се мајсторски нагласени и веднаш ви ја откриваат припадноста без да се види амблемот. Ентериерите на Peugeot се едни од најстилските и 408 не разочарува во тој поглед.
Малиот волан, извонредниот i-Cockpit и централно поставениот екран на допир од 10 инчи се веќе препознатливи и задолжителни елементи. За 408 предвидени се бензински и плагин хибридни погони додека дизелот е исклучен од понудата. Потполно електричната изведба ќе се приклучи кратко по комерцијалното лансирање вгодина. Основниот мотор е 1,2-литарскиот PureTech со три цилиндри кој произведува 130 КС и ги движи предните тркала преку осумстепен автоматски менувач. За оние што им се приоритет перформансите имаат избор на две опции, и двете приклучни хибриди. Т
оа се PureTech 1,6-литарски четири цилиндраш кој, во зависност од електричното засилување, системски испорачува 180 односно 225 коњи. Батеријата има 12,4 kWh па би требало да обезбеди поминување над 70 километри на струја. Точните спецификации ќе се разликуваат во зависност од пазарите, но купувачите ќе можат да нарачаат вентилирани седишта со масажер, кожен тапацир, панорамски покрив и високо квалитетен аудио систем од земјаците од Focal.
Ова се надополнува со системите за асистенција на возачот вклучувајќи адаптивен темпомат со функцијата Stop и Go, помош при паркирање од 360 степени со четири камери, ноќно гледање и пакетот Drive Assist 2.0 кој носи полуавтоматска функција за менување лента. Најблиските концептуални ривали на новиот Peugeot 408 се Renault Arkana, но не е исклучено да превземе потенцијални купувачи на BMW X4. Цените не се познати но според неговата интерна позиционираност, помеѓу 308 и 508, би требало тие да започнуваат над 25.000 евра.


