Од понеделник без зимска опрема во автомобилите
Според нашите законски прописи, од понеделник веќе не мора да имаме зимска опрема во возилата
Објавено на 14 март 2020 година
Почнувајќи од 15 ноември па сé до 15 март, зимската опрема е задолжителна, што значи дека веќе од понеделник не мора да ја имаме. Според законот во овој период секое патничко возило кое учествува во сообраќајот на пат мора да има зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочината на шарите на слојот што гази по обем и широчина од 4 милиметри или пневматици со летен профил ако возилото во приборот има синџири за снег за погонските тркала или други соодветни помагала. За возилата со 4×4 погон зимските пневматици мора да бидат со длабочина на шарата од 6 mm, а иста е одредбата и за товарните возила и автобусите, кај кои доколку заради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала, треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат – лопата. Како зимски пневматици се сметаат оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака MS, M+S, M&S и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва, додека пневматици со клинци се забранети. Казната за немање зимска опрема изнесува 45 евра или 25 негативни бода, а ако условите на патот не овозможуваат безбедно возење полицијата може да го исклучи возилото од сообраќај.


