Неочекувана мерка на чешките власти
Со измените на законот, Чесите на автопат ќе можат да возат 150 km/h
Чешкиот парламент ги поддржа измените на законот за сообраќај според кои во иднина на автопат максималната дозволена брзина место 130 ќе биде 150 километри на час. Ова зголемување нема да биде генерално туку ќе се применува само на модерните автопатски делници каде тоа го дозволуваат нивните параметри и интензитетот на сообраќајот. Услов исто така е и тие да бидат опремени со променлива сигнализација со која во случај тоа да е потребно, брзината ќе биде ограничена и на помалку од 100 km/h.
Исто така предвидена е и можност во иднина возачка дозвола да се добива со 17 години. Младите возачи ќе можат своите вештини да ги стекнуваат под надзор на постар и поискусен возач, кој ќе одговара за нивните постапки. Во случај на повреда на оваа обврска, тој ќе биде казнет со повеќе од илјада евра.
Доколку овие измени ги поддржат и чешкиот сенат и претседателот, тие би стапиле на сила во јануари 2024 година.


