Дотераниот изглед, докажаната практичност и разумната цена го прават Kodiaq еден од најлогичните избори за семејно спортско-корисно возило
До неодамна Škoda важеше како практично решение и добар алтернативен избор за оние што немаа доволно пари да платат адекватно возило со знакот на VW. Во последните неколку години таа перцепција се смени, па не е мал бројот купувачи кои чешката марка ја ставаат во потесната листа кога се бира возило. На тоа, пред сѐ, придонесе имиџот и моделите со кого се наметна брендот.
Несомнено преобразбата започна со Kodiaq, спортско-корисно возило кое со своите атрибути се наметна кај купувачите. Неодамна ја возевме ажурираната генерација во Sport Line ниво на опременост. Направените измените се традиционални. Во ерата кога електрификацијата е една од главните теми во светот на возилата кај Kodiaq таа е вешто избегната. Напротив, во понудата е задржан дизел моторот чија работа стана уште почиста. Токму тоа е и причината зошто Чесите не понудија хибридно засилување.
Ажурирањата вклучуваат ревидиран стил и опрема, како што се поголема решетка и фарови, хаубата и браниците се редизајнирани, подобрена е аеродинамиката и додадени се избори за ново обликувани тркала и матрични LED фарови. Интериерот не е најкул, но ја врши работата со солиден квалитет и прецизност на изработка, а површините кои се на дофат на раката даваат врвно чувство. Во нивото на опременост Sport Line стандардни се спортските седишта со висок грб обложени со велур. Тие се спектакуларно удобни и го држат телото токму онака како што треба.
Од возачкото седиште се пружа пријатна панорама. Дигитални копчиња се уредно поставени. Големиот екран на допир од 9,2 инчи е центар на инфозабавниот систем. Тој има прегледни менија, содржините лесно се лоцираат. За поздравување е задржувањето на физичките копчињата за јачина и за подесување на аудио функциите како и за системот за греење и вентилација.
Во задниот дел, едноставно има огромен простор. Кабината е широка, доволно висока и има огромен простор за колената па на клупата може да се сместат тројца кошаркари. На општиот позитивен впечаток допринесува големиот сончев стаклен покрив кој пропушта многу светлина во внатрешноста. Багажниот простор е одличен. Имате огромни 765 литри простор за играње, а со преклопување на задната клупа добивате 2.065 литри!
Пропорциите на Kodiaq се големи, но навистина е лесен за возење. Има одлична видливост насекаде, управувачот е одлично подесен за градски маневри, а воедно, при управувањето не се чувствува големината на каросеријата. Сепак, суспензијата e малку згрчена и цврста при помали брзини, особено на погруби делови на улиците. Подигнатата позиција за возење ви дава добар поглед на сообраќајот во градот и заедно со одличната маневрабилност се чувствувате како да возите компактен автомобил.
Кога веќе зборуваме на оваа тема, стандардно добивате предни и задни сензори за паркирање и паркинг камера, па иако Škoda Kodiaq е големо возило, паркирањето не е макотрпна работа. Поголемиот дел од изминатите километри ги направив вон град. На автопат потпирањето е мазно и нема зголемена бучава од тркалата и големите ретровизори. Кога возите со поголеми брзини, управувањето може да даде недефинирано чувство.
Затоа најдобро е да го ставите автомобилот во режимот на возење Sport, во кого управувањето се укрутува, дава далеку подобар одговор на командите и добивате чувство на поголема стабилност. Дволитрениот TDI мотор од 150 коњи и 360 Nm вртежен момент (20 Nm повеќе од постарата верзија на овој мотор) е позната работа, а во оваа апликација е сосема адекватна. Тој влече 1.740 кг тешко возило но во ниту еден момент не дава знаци на преоптовареност.
Рака на срце, неговите перформанси не одат со беџот Sport Line на овој модел, особено не поради потребните 9,8 секунди за спринтот од 0-100 км/ч. Седумстепениот автоматски менувач со двојна спојка DSG работи непречено и во голема мерка го надминува отсуството на сила. Низ свиоци Kodiaq остава доста позитивно чувство. Управувањето има добра тежина, а предниот дел гризе релативно силно. Поради погонот на предните тркала и високото тежиште, кога возите остро и динамично, се јавува контролирано надуправување.
Доколку сте тврдоглави, тогаш електрониката ги скротува амбициите во име на безбедноста. Сепак тоа надуправување лесно се држи во контрола со управувачот и со одземање на гас. Иако делува неадекватен, овој мотор може да пружи пристојна динамика на возење и задоволство зад управувачот. Тест возилото е поставено на опционалните 20 инчни алуминиумски тркала Vega кои изгледаат одлично и нивната големина не го десеткуваат квалитетот на возењето.
Kodiaq има многу разумно потпирање, доволно цврсто за да го задржат во свиоците, но нема да ја наруши удобноста кога работите стануваат груби. Во комбинација со спортските седишта дава впечаток на исклучително удобно возило. Поради погонот на предните тркала не сакав да експериментирам вон асфалтот. Временските услови беа врнежливи па не сакав да ја предизвикувам судбината.
Kodiaq има доволно растојание од површината за освојување на теренот, но тоа би го направил со верзијата со погон на сите тркала. На неасфалтиран трасиран пат нема компромиси. Сѐ се одвива нормално, нема стрес ниту пак неизвесност. Иако се јавуваат зголемени вибрации поради нерамната подлога тие не се пренесуваат нагласено во кабината ниту на телата на возачот и патниците. Сите овие искуства добиени со возењето на Škoda Kodiaq укажуваат дека овој модел го достигна својот зенит.
Просечната потрошувачка од 8,3 литри е во рамките на класата и сосема е прифатлива. Кога ќе се сумира се доаѓа до заклучок дека Škoda Kodiaq е удобно, лесно и сериозно практично семејно спортско-корисно возило. Списокот на опременост е импресивен, особено во нивото на опременост Sport Line. Мене како возач можеби ми недостатуваше дисплеј на ветробранското стакло, но тоа е субјективна оценка.
Она што е далеку повеќе важно е што се присутни системите за активна асистенција на возачот, безбедносните системи и системот за паркирање чии сензори и камери го олеснуваат користењето во урбана средина. Раскошната опременост, огромната практичност и умните, корисни решенија во потполност ја оправдуваат цената. 44.605 евра, во денешни услови на поскапени цени на сите возила изгледаат сосема разумно и прифатливо.
Škoda Kodiaq во потполност го оправдува своето позиционирање и како возило и како цена. Тој може да биде полесно достапен со купување на лизинг преку Шпаркасе. Со учество од 20% и финансирање на 60 месеци ратата изнесува 738 евра. За повеќе информации околу возилото информирајте се на www.skoda.com.mk додека за финансирањето употребето го калкулаторот на Шпаркасе Лизинг на нашиот сајт или на www.s-leazing.mk.


