Возевме – BMW Х1 xDrive 2.0d

Трета среќа

Не е тешко да се разбере привлечноста на X1. Ги зема сите традиционални вредности на BMW што се спакувани во форма на спортско корисно возило со привлечен изглед, просторност и модерна технологија.

Што е Х1?

Своето деби на пазарот најмалото спортско корисно возило на BMW го имаше пред петнаесет години. Во оваа временска рамка поминаа две генерации, а целосната зрелост ја доживува во новата, трета по ред. Тој е многу поубав од неговиот претходник и поседува еден од подобрите дизајни на BMW што сме ги виделе во последно време. Новиот X1 парасна во сите смерови во однос на претходникот што обезбедува повеќе простор во кабината и товарниот дел. Споредбено  подолг е за 53мм, поширок за 24, повисок е за 44 мм додека меѓуоскиното растојание е зголемено за 22 мм.  Овие остварувања го прават еден од најпространите во својата класа.

На прв поглед…

За разлика од претходните две генерации, за новата може слободно да се каже дека е атрактивно дизајнирана. Иако многумина се плашеа, маската на ладилникот е помала и „бубрезите“ не се масивни туку елегантни. Врамена со тесните фарови, предницата дефинира аеродинамична линија која се шири преку целата каросерија.

За да биде поголем ефектот на протокот на воздухот, решетката на ладилникот има ролетни кои се отвораат и затвораат во зависност од потребите за воздух на моторот. На задниот дел најмногу отскокнува светлосниот потпис кој дава силна импресија.

Главната група длабоко навлегува во крилата но, исто така, се шири на капакот на багажникот правејќи скуплтурална целина. Сè на сè, стајлингот е прилично чист и модерен со правилно одмерено поставени дизајнерски цитати. Гледан од сите страни сега Х1 повеќе наликува на смален Х5.

Каков е внатре?

Најновиот внатрешен дизајн на BMW е целосно прикажан и во новиот X1. Првото нешто што ќе го забележите кога ќе седнете е дека нивото на квалитетот на изработката е многу повисоко во споредба со претходникот. Новата генерација изгледа и делува многу поизразено премиум отколку што успеаја претходните верзии. На врвот на контролната табла се наоѓа сега веќе познатиот за куќата „заоблен екран“. Ова единечно стаклено куќиште доминира, обединувајќи ги двата дисплеи.

Едниот од 10,25 инчи кој ја има улогата на дигитална инструмент табла и вториот 10,7-инчен екран на допир задолжен за инфозабавниот систем. Новиот инфозабавен систем е сосема надграден, преминувајќи од стариот ротационен контролер на целосна чувствителност на допир и истовремено преземајќи некои нови одговорности. Со имплементирањето на овој нов систем, BMW ги отстрани копчињата за контрола на климата зада ги премести контролите на екранот на допир. Новиот екран е јасен и брзо реагира па тоа не е голем проблем.

Доста помага тоа што се оставени основните контроли за климатизацијата како механички прекинувачи. Отстранувањето на контролорот iDrive ја отвора централната конзола, така што новиот X1 се чувствува просторен и има подобро складирање од претходно. Удобноста на седиштата напред е одлична, а има многу простор за складирање во широкиот и длабок простор кој е добро закамуфлиран со „лебдечкиот“ наслон за рацете. Во него се сместени копчето старт/стоп за моторот, електронската рачна сопирачка, физичката контрола на јачината на звукот за аудио системот, прекинувачот за изборните режими на возење и прекинувачот за активирање за паркинг камерите, како и мал прекинувач за менувачот. Зад кластерот прекинувачи, на потпирачот за рацете, има многу плитка фиока со капак, која заедно со ладицата пред сопатникот се единствено покриени складишта во кабината. Пред лебдечката централна конзола има пар држачи за чаши, два USB-C приклучоци и исправена станица за индукционо полнење со мала физичка штипка што го држи телефонот на место.

Што им нуди на патниците?

Задниот дел е многу комотен. Има доволно простор за нозете и рамениците па околу удобноста нема да имаат проблеми и патници што се надпросечно високи. Задниот дел на X1 е исто така за пофалба за неговиот поглед кон надвор.

Линијата на задното стакло не е премногу остро подигната, оставајќи голема, квадратна стаклена површина, плус потпирачите за глава на предните седишта се релативно тенки, така што можете лесно да гледате и напред. Патниците на задните седишта добиваат свој пар USB-C приклучоци и наслоните на задните седишта се преклопуваат на три дела, 40:20:40. Багажникот е голем, има 500 литри, а бидејќи задните седишта се лизгаат напред-назад, можете да го истегнете до 540 литри ако оние на задните седишта жртвуваат простор за нозете.

Зад управувачот

BMW е посветен на електричните возила. Новата генерација има потполно електрична верзија iX1, во понудата се приклучни хибриди, додека останатите се со благ хибрид, со стартер генератор впарен со седум степената автоматска трансмисија.

Токму таков е возениот модел задвижуван од дволитрен турбо дизел од 163 КС на кои благиот хибрид допринесува со 13 коњи. Притисок на копчето за стартување го буди моторот чие работење го следи резонантен звук и пријатни вибрации, такви колку само да ви наговестат дека испод хаубата е дизелаш. Веќе во првите километри на возење се добива впечаток дека сте во типично BMW.

Робусноста се чувствува на управувачот, помалку крутите одговори на амортизацијата и самиот впечаток што се добива со престојот во кабината покажуваат дека третата генерација на Х1 конечно го достигна очекуваното ниво. Возењето во градски услови е лесно. Управувањето и компактните димензии го олеснуваат паркирањето, а прегледноста е за секоја пофалба. Околу агилноста нема посериозни замерки, но старт/стоп системот работи пренагласено. Како  едвај да чека да го изгасне моторот. Во оваков режим рестартирањето на моторот е грубо и кога ќе тргнете се чувствува „вкочанетост“ која брзо исчезнува.

Одиме на патување

Кога се вози по патишта до израз доаѓаат атрибутите типични на марката. Турбо-дизелот работи распеано, одлично соработува со менувачот, а при нагли забрзувања се чувствува дополнителната сила на благиот хибрид. Потпирањето е на висина на задачата. Повисокото тежиште типично за спортско корисните возила кое допринесува на инфериорни карактеристики при агилно возење во голема мерка е намалено.  Кога пак се вози во свиоци тежината не доминира. Одличното потпирање уште подобро ја анулира тежината и не дозволува инерцијата да ги превземе работите во свои раце.

Во свиоците, X1 обезбедува одлично држење и останува избалансиран и контролиран. Спортскиот режим значително го зајакнува чувството на управување, што го прави возачко искуство уште подобро на тесни патишта. Возачот во секој момент ја има контролата над ситуацијата а како дополнителна помош се јавуваат електронските асистенти за безбедност кои функционираат како швјцарски часовник.

Погонот на сите тркала е благодет и никогаш нема недостаток на влечна сила. Тоа се потврди при излетот надвор од асфалт. Х1 лесно го „џвака и голта“ теренот покажувајќи дека е подеднакво способен за игра на цврста подлога и на земја. Згора на ова доаѓа економичноста. Просечни 5,9 литри е вредноста која ја пријави борд компјутерот. Ова уште повеќе импресионира бидејќи нема да се пофалам дека возев лежерно. Како и секое BMW, барем мене, ме предизвикуваше, и неколку пати бев љубезно замолен од женскиот дел на семејството малку да „олабавам“.

Заклучок

BMW X1 е најевтиното спортско корисно возило на сино-белиот пропелер. Убаво е за возење и прилично просторен во инает на компактните димензии. BMW, исто така, има спакувано многу од своите најнови технолошки карактеристики. Незгодниот систем за запирање и стартување на моторот малку го затемнува впечатокот, но сепак треба да се влезе во положение на екологијата во чие име сите марки ги жртвуваат своите деца.

Сепак, лимузините на BMW се дефинитивно позабавни за возење, арно ама, ако ви е приоритет лесното влегување во кабината, просторноста и безкомпромисното портфолио на баварските вредности спакувани во форма на спортско корисно возило, тогаш Х1 е јасен резултат на равенката. Тој не е евтин, но се чувствува дека вреди за цената.

Како да дојдете до својот Х1?

Наједноставен начин е финансирањето. Шпаркасе Лизинг дава најприфатливи услови. Цената на тестираниот модел кој има многу „нишани“ чини, на прв поглед многу. 62.000 евра станува поднослива сума со 20% учество и на 60 рати. Со 13.411 евра учество со вклучени трошоци на регистрација, обработка и каско осигурување, месечната рата изнесува 1.017 евра.

BMW Х1 xDrive 2.0d во податоци:

Зафатнина cm3                                       1995

Моќност (kW)                                          120

Моќност (КС)                                           163 @ 3750-4000

Вртежен момент Nm                             400

Максимална брзина km/h                  210

Забрзување 0-100 km/h                      8,6 sec

Просечна потрошувачка 5,9 литри Еуродизел

Должина                                                        4.500 mm

Ширина                                                         1.845 mm

Висина                                                           1.642 mm

Меѓуоскино растојание                            2.692 mm

Растојание од тло                                       183 mm

Багажен простор                                        500-540 l

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER