Стремејќи се за порационално работење производителите неретко нудат исти возила под ознаките на различни марки.
Оваа пракса е најчеста во рамките на иста групација но има случаи кога меѓусебни конкуренти се договараат еден за друг да произведуваат разни модели кои ги немаат во гамата, посебно од комерцијалната програма.
На пример комби возилата на Stellantis можат да се купат со амблемите на Peugeot, Citroen, Opel, Vauxhall, Fiat, Ram, Toyota и Iveco.
Renault за Mercedes ги произведува Citan и T-класата а го снабдува и Nissan.
Ford и Volkswagen еден за друг ги произведуваат скоро сите свои комерцијални возила вклучувајќи го и пикапот Amarok додека пак Crafter се продава и под ознаките на MAN.
Иако во Америка и Јапонија сосема нормален, во Европа бренд-инженерингот кај патничките автомобили поретко се среќава. Возилата поставени на иста платформа и со иста механика имаат различен дизајн на каросеријата и ентериерот но сепак има и такви кои се сосема идентични.
Така на пример дел од европска гама на Mitsubishi се модели на Renault а Suzuki, Subaru и Mazda позајмуваат од Toyota која пак ја продава електричната e-Vitara под своите ознаки.
Едно е сигурно – и во иднина често ќе се среќаваме со ваквата практика која на производителите им носи само позитивни резултати. Оние што ги произведуваат возилата поефикасно ги користат своите капацитети а оние што ги продаваат ја прошируваат својата понуда без високи трошоци за развој.
Возачите пак колку навидум да нема смисла да се купува клон место оригинал сепак немаат иста перцепција за секоја марка а влијание на одлуката имаат и сервисната поддршка и финансиските услови кои понекогаш знаат да бидат поповолни.


