Тест Peugeot 108 » Големината е важна, и тоа доста

Големината е важна, и тоа доста

Посебно за мали автомобили каков што е Peugeot 108

Објавено на 31 август 2019 година
автор: Зоран Коцев

Со малиот стршлен на Peugeot се познаваме уште од неговите почетоци во 2005 година. Иако не сме баш љубители на малите градски возила, нé импресионираше со серијата умни решенија. Токму со нив и ултракомпактните димензии, тој заедно со своите полубраќа веднаш го привлече вниманието на младешки настроените купувачи кои бараа урбано возило со симпатичен дизајн. Бидејќи не спаѓаме во нив му најдовме серија забелешки, кои, да бидеме искрени, повеќе кажуваа за нашите афинитети отколку за возилото. Сепак мора да признаеме дека триото во кое спаѓа и 107 успеа да го промени нашето мислење за малите автомобили.

Peugeot 108 е удобен мал автомобил за секојдневно градско возење кој без замор може да ве однесе и на подолги релации

После скоро деценија успешен поход на пазарот, Peugeot го обнови својот најмал претставник и му даде ново име, поточно нова бројка во ознаката. Разликите веднаш се забележуваа – 108 дизајнерски созреа и доби малку потсмирен и посериозен изглед. Внатрешноста дури и повеќе и во неа младешкиот дух веќе не доминираше. Концепциски е доста сличен со првата генерација – мал и штедлив, со доволно простор во внатрешноста за да се доближи ди поголемиот 208. Барем на предните седишта, кои сега, после ланското освежување, веќе не ја оддаваат класната припадност детерминирана со должината од 3,48 и широчината од само 1,62 метри. Меѓуоскиното растојание од 2,34 метри не дозволува многу комоција назад, ниту пак голем багажник, но сепак впечатокот и од едното и од другото е над очекувањата за вакво возило.

Карактерот на 108 во голема мерка е дефиниран со малиот и ефикасен трицилиндричен мотор со јапонско потекло

Иако веќе го знаевме тоа, истото може да го кажеме и за одличниот еднолитарски мотор кој сака да се врти и работи како јапонски часовник. Има три цилиндри, променливо отворање на вентилите, 72 коњски сили и петстепен менувач со кратки први три степени што го прават жив во работењето, но без вклучен клима уред. Со него бара повисок број на вртежи кои одличната звучна изолација ги крие од ушите. И тоа толку добро што во отсуство на покажувач на бројот на вртежите моторот ќе ве залаже дека може да се врти повеќе од декларираните 6.000 пати во минута. Благодарејќи на него 108 вешто се протнува низ градскиот метеж, а иако лежењето му е добро, однесувањето на пат со свиоци и нагорници ќе го прескокнеме – ова возило едноставно не е направено за исполнување на ридско-брзински желби, но затоа може брзо да ве однесе секаде до каде има рамен пат, и тоа со автопатски брзини, со мало трпение и поголеми од легално дозволените.

Едноставната и практична внатрешност е разубавена и разиграна со детали во боја на каросеријата

А кога ќе стигнете таму каде сте намериле, борд компјутерот ќе покаже бројка пријатна за гледање – со сето малтретирање на кое го подложивме 108 и клима уред кој работеше со 120% капацитет, ние едвај допревме до бројката од 6 литри на 100 километри. Друга бројка пријатна за гледање е цената, која Еуроимпекс специјално за нашите купувачи успеа да ја избори од Peugeot, и тоа без кратење на опремата која е на сосема солидно ниво и вклучува 6 воздушни перници, електронска динамичка контрола на стабилноста, ABS со помош при нагло сопирање, варијабилен серво управувач подесив по висина и длабочина, централна брава со далечинско управување и автоматско заклучување на возилото во возење, возачко седиште подесиво по висина, делива задна клупа 50:50 со ISOFIX приклучоци, аудио систем со команди на управувачот, USB и блутут конекција… Со еден збор, широкоградо.

Во споредба со сето набројано и ненабројано, паѓаат во вода сите забелешки што можеме да му ги најдеме на Peugeot 108. Или скоро сите – ни пречи тоа што електричните предни стакла не се автоматски. Би посакале малку и управувачот да беше попрецизен, пневматиците подобро да го држеа возилото, а моторот а имаше барем 10 коњи повеќе, но тогаш ќе се викаше 208, а и ќе чинеше колку него, нели?!

основни податоци Peugeot 108 1.0
мотор: 3 цилиндри, 4 вентили по цилиндар, 998 cm³, 72 KS при 6.000 min⁻¹, 93 Nm при 4.400 min⁻¹
трансмисија: мануелен менувач со 5 степени, погон на предните тркала, пневматици со димензии 165/60 R14
каросерија: хечбек со 5 врати, 3.475×1.615×1.460 mm, меѓуоскино растојание 2.340 mm, тежина 915 kg, максимална тежина: 1.240 kg, багажник 180/780 dm³, резервоар 35 литри
перформанси: максимална брзина 160 km/h, забрзување 0-100 km/h за 14,0 секунди, просечна потрошувачка 3,7 l/100 km, емисија на CO₂ 85 g/km
цена: 8.990 евра

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER