Предизвикувач на традиционалното
Како алтернатива на хечбеците и кросоверите во компактната класа Citroën го претстави новиот модел С4Х, позициониран помеѓу С4 и С5Х.

Најновата креација на „двојниот шеврон“ има интригантна појава, особено на задниот дел, покажувајќи дека компанијата остана на сопствениот курс. Тој секогаш бил посебен и неконвенционален па по кој знае кој пат Citroën ги предизвика традиционалните дефиниции. Овој заклучок го добивме на ексклузивната презентација во Истанбул каде беше претставен новиот адут С4 Х. Паралелно беше одржан адекватен настан во Копенхаген на кој ѕвезда беше само електричната верзија резервирана за 17 европски пазари. Видео мостот ја откри стратегијата на Citroën со која го покажа својот непоколеблив курс кон возилата со нула емисија, но и грижата за останатите пазари од Европа и медитеранскиот регион покажана преку еколошки стокмените PureTech мотори на внатрешно согорување. Извршниот директор на Citroën Винсент Кобе лично го предводеше презентирањето и од Босфор порача дека и покрај огромните предизвици со кои се соочува автомобилската индустрија Citroën е подготвен не само да го одржи производството туку да излезе во пресрет на купувачите на кои им треба повеќе простор и пристапна цена амбалажирани во атрактивно дизајнирани модели со изразена функционалност.

C4 X ги задржува облините и дизајнерскиот јазик на Citroën на предниот дел, додека назад ги предизвикува новите дизајнерски трендови во кого се претопуваат купеовските линии и класичните лимузински атрибути, како што е голем багажен простор, во овој случај, со извонредни 510 литри капацитет. Втор на сцената излезе Пјер Леклерк, шефот на дизајн на Citroën. Тој ја истакна посебна силуета на С4 Х.

Целта е да се понуди поголема удобност за патниците на задната клупа и многу голем капацитет на багажникот за да ги задоволат потребите на клиентите кои сакаат традиционален багажник без автомобилот да изгледа како кутија! Затоа задниот дел е по теркот на „fast back“, форма типична за четири вратните купеа. Со должина од 4,60 m, C4 X е поставен на истото меѓуоскино растојание како C4 од 2.670 mm базиран на CMP платформата. Коефициентот на отпор од 0,29 зборува за аеродинамичка ефикасност. Изгледот е дефиниран како кросовер кој ја комбинира силуетата на динамичен хечбек со просторност на теренец. Доколку се гледа како БЕВ, тогаш С4 Х е единствениот електричен автомобил на пазарот со оваков дизајн. Кога сме веќе кај „батеријската“ верзија, таа го користи познатиот систем на групацијата Stellantis.

Електро-моторот развива 100 kW се напојува од 50 kWh батерија и според WLTP може да помине до 360 километри. Бележи вртежен момент од 260 њутн метри, спринтот од 0 до 100 km/h го апсолвира за 9,5 секунди и достигнува максимална брзина од 150 km/h. На станица за полнење со брз полнач од 100 kW, батеријата ќе се наполни до 80 проценти за 30 минути. Во почетокот ќе се задоволуваат потребите на одредени европски пазари, а за останатите во понуда ќе останат изведбите со мотори на внатрешно согорување.

Тоа ќе го направи С4 Х по пристапен на пазарите каде што ќе се нуди, а тие на број се неколку кратно побројни од европските земји каде ќе се продава исклучиво БЕВ верзијата. Во фокус се купувачите кои претпочитаат мотор со внатрешно согорување на југо-западот и истокот на Европа, јужниот Медитеран, но и во поголеми делови на Азија и Јужна Америка. Изборот го сочинауваат проверените бензински Pure Tech и докажаните дизел Blue HDi мотори со опсег на силата помеѓу 100 и 130 коњи. Сите што ќе се продаваат во европа ја задоволуваат нормата Еуро 6.4 впрегнати со шест степен мануелен или осум степен автоматик.

Новиот C4 X е опремен со инфозабавниот интерфејс MyCitroën Drive Plus, кој неодамна беше претставен на предводникот на Citroën C5 X. Корисничкиот интерфејс има десет инчен HD екран и може целосно да се прилагоди со помош на систем на графичка контрола. Интерфејсот има и природно препознавање на говор, дигитален асистент што се активира со гласовната командата „Здраво Citroën“. Системот може да складира до осум профили.

Достапни се до 20 модерни системи за помош на возачот за да се зголеми безбедноста при возење и да се направи животот зад воланот или во кабината помалку стресен. Благодарение на Citroën Advanced Comfort елементите, внатрешноста на C4 X нуди добар комфор со просторност. Седиштата Advanced Comfort се широки и привлечни и имаат специјална пена со дебелина од 15 mm. Задните седишта може да се загреваат; предните седишта нудат и функција за масажа. До 16 отворени или затворени прегради во патничкиот простор создаваат вкупен волумен на складирање од 39 литри.

Опционалниот панорамски покрив со електрично отворање е дизајниран на таков начин што просторот за главата во задниот дел се задржува. Добро познатата Advanced Comfort суспензија е невидлива за возачот и патниците, но неопходна за удобност при возењето. Овој систем користи два прогресивни хидраулични амортизери, едниот за компресија, другиот за декомпресија.

Нашиот престојот на светската премиера на С4 Х траеше неполни три часа, но вредеше на напорите што ги направивме да присуствуваме таму, Нашите домаќини од Автонова, увозникот на Citroën за Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора и Косово ни соопштијдека производството на C4 X и ë-C4 X ќе се одвива во фабриката на Stellantis Villaverde во Мадрид, а почетокот на продажбата е проектиран од есен. Во Македонија треба да дебитира до крајот на 2022 година, но некако мистично беше најавено, можни се изненадувања.