Просечниот приход на најголеми независни автомобилски дилери е 2,8 милијарди евра.
Опоравувањето на европскиот пазар на автомобили донесе зголемување на приходите во 2022 година. Според ICDP (International Car Distribution Programme) најголемите дилери го зголемија својот удел на пазарот на нови автомобили за 15 отсто. Трендот на консолидација се движеше побрзо отколку што предвидуваа аналитичарите. Ова се должи на два основни фактори.
Приходите беа зголемени од повисоките цени на новите автомобили поради тесните грла во производството. Вкупните приходи делумно се зголемија и како резултат на зголемувањето на бројот на продажни места на најголемите дилери. Швајцарската компанија Емил Фреј се најде на врвот на топ листата со приход од 14,8 милијарди евра. На втората позиција е британскиот Пенксе со 9,2 милијарди евра приход.
Просечниот приход за 50-те најголеми дилерски компании беше 2,8 милијарди евра, што е за 9,6 отсто повеќе во однос на 2021-та година. Бизнисот со продажба на автомобили е под лупа од производителите на автомобили кои сакаат да ги намалат дистрибутивните трошоци, а ефикасноста што ја нудат големите групи може да помогне да се заобиколат непрофитабилните продажни места.
Затоа се воведуваат нови модалитети на работа, како системот што ќе почне да го применува BMW. Целта е автомобилите да се нудат по фиксна цена, а продажбата ќе се одвива директно на потрошувачите. Дилерите нема да бидат изоставени и ќе имаат одреден процент од продажбата, со цел да го олеснат процесот на примо-предавање на нарачаното возило. Се уште не е јасно како и дали ќе може да се преговара за цената на саканото возило.
Кога пазарот на автомобили е во опаѓање, дилерите честопати се откажуваат од делот од провизијата за да го задржат потребниот волумен на продадени возила. Ако пазарниот тренд продолжи по сегашниот курс, тешко веројатно е дека дилерите ќе се откажат од кајмакот. Барем во Европа е така.