Четвртата генерација ќе се нуди во две каросериски изведби, лимузина и караван
Сестрински модел на Volkswagen Passat зачекори на сцената. Ова е четврта генерација на Superb, но за разлика од германскиот роднина кој се произведува само во караванска верзија, „оптегнатата стрела“ останува доследна и на лимузинската каросерија која VW Passat веќе ја нема.
Superb е подвргнат на еволутивен дизајн кој овозможи подигнување на стилот, технологијата, ефикасноста, удобноста и корисноста. Кога ќе пристигне во продажните салони следната година, ќе понуди разновидна палета на погонски единици, вклучувајќи бензински, дизел, умерен хибрид и plug-in хибриднa опциja. Надворешноста на Škoda Superb изгледа прилично познато, но сите негови панели на каросеријата се редизајнирани што му даваат поостри стилски знаци.
Меѓу главните моменти се потенките предни светла со LED Matrix технологија и модерните LED задни светла со „кристални“ елементи за премиум изглед. Решетката на ладилникот е поширока од претходно, а формата на новиот преден браник е истакната со хромирана лента. Како што доликува за нова генерација зголемени се димензиите. Сега Superb е 43 мм подолг и 12 мм повисок. Каросеријата е поаеродинамична со коефициент на отпор од 0,24. Интересно е што лимузината е за еден сантиметар подолга од караванот.
Двете верзии го делат истото меѓуоскино растојание од 2.841 мм кое останува непроменето од претходната генерација. Во внатрешноста дизајнерите на Škoda дадоа се од себе за да ја подобрат технологијата и чувството за квалитет на знаменосецот. Контролната табла располага со 13-инчен инфозабавен екран на допир во комбинација со 10-инчен виртуелен кокпит и head-up дисплеј. Задржани се три ротирачки копчиња кои добија интегрирани 1,25 инчни дисплеи.
Надворешните ја контролираат температурата, греењето и вентилацијата на седиштата, додека централниот е приспособлив и може да се користи за ракување со јачината на звукот, интензитетот на вентилацијата, насоката на воздухот, паметниот режим на климатизација, режимите на возење, па дури и зумирањето на картата на навигацијата. Во однос на просторноста, компанијата тврди дека волуменот за глава и багажникот „значително пораснале“ во споредба со претходникот. Поконкретно, капацитетот на багажникот е 645 во лимузината и 45 литри повеќе во караванот при што достапните 28 опционални Simply Clever остварувања дополнително ја подобруваат практичноста.
Во согласност со трендот на одржливост, внатрешниот текстил е направен од 100% рециклиран полиестер. За разлика од другите производители на автомобили, Škoda ја задржа кожата во понудата. При тоа нагласува дека опционалниот кожен тапацир сега има еколошки процес на боење со помош на остатоци од преработка на зрна кафе или отпадна вода од преработка на маслинки. Škoda останува верна на моторите со внатрешно согорување. Понудата е многу слична со кросоверот Kodiaq.
Приклучниот хибрид е достапен само во караванската изведба, комбинирајќи го бензинскиот 1.5 TSI со електричен мотор и поголема батерија од 25,7 kWh што резултира со повеќе од 100 км движење на струја. Традиционалистите на избор имаат три модерни TSI бензински мотори. Најмалиот од 1,5 литри има умерена електрична поддршка, додека дволитрените располагаат со 204 и 265 КС. На тоа се додадени два дизела со 150 и 193 КС.
Најсилните дизел и бензински мотор доаѓаат со погон на сите тркала. Сите погонски единици во новиот Superb се стандардно поврзани со DSG автоматски менувач. Лансирањето на европскиот пазар на четвртата генерација на Škoda Superb се очекува во првиот квартал на 2024 година, а цената ќе биде објавена подоцна. Производството ќе се одвива во Братислава, Словачка, каде веќе се произведува VW Passat Variant.