Премиера – Porsche 718 Spyder RS

Кралот на спајдерите

Наменет за ултимативно возачко искуство „под отворено небо“, двоседот има 500 коњи, природно генериран звук и последен е од својот вид…

Тука е најсилната изведба на Porsche 718 Spyder. Ознаката  RS му го донесе високо вртежниот мотор што го има Cayman GT4 RS. Централно поставен, веднаш зад возачот, па грмотевицата на цилиндрите што се „вртат“ до 9.000 пати во минута продира до коските и ветува извонредно возачко искуство.

Со ова Porsche го крунисува својот модел со средишно поставен мотор како бескомпромисен спортски автомобил. Кај вака конципираните автомобили поголемиот дел од прикаската се концентрира околу моторот. Тој започна да функционира во 911 GT3. Испорачува рамно 500 коњи, што се за 80 повеќе во однос на спајдерот кој не ја носи ознаката RS.

Се одликува со 449 Nm вртежен момент,  нема понудена мануелна опција, но седумстепениот PDK менувач со краток сооднос на преносите брзо ќе ве донесе до екстаза. Забрзува од 0 до 100 км/ч за 3,4 секунди, а максималната брзина е 308 км/ч. Агрегатот со високи вртежи нема турбополнач.

Издувните цевки на спортскиот издувен систем овозможуваат да излезе чистиот технички звук на шест цилиндрашот. Ако мислите дека додавањето на две букви на името Spyder е поврзано само со моторот и каросеријата, тогаш сте во заблуда.

Со 1.410 килограми, 718 Spyder RS ​​е 40 килограми полесен од 718 Spyder и дури пет килограми полесен од затворената GT4 RS верзија. Бројните лесни компоненти како што се школките на седиштата и предната хауба направени од CFRP (полимер засилен со јаглеродни влакна) придонесуваат за заштеда на тежина.

Во однос на суспензијата добивате Porsche Active Suspension Management и спортски пружини кои ја спуштаат каросеријата за 30 мм, додека пружините и амортизерите се помеки отколку кај Cayman GT4 RS, а има механички диференцијал за ограничено пролизгување на погонските тркала. Сличностите помеѓу Spyder RS ​​и GT4 RS не се ограничени само на механиката.

Добивате ист аеро третман на предниот дел, вклучувајќи го истиот дизајн на предниот браник и два канали за проток на воздухот до моторот поставени високо на каросеријата засилена со јаглерод. Оние кои сакаат повеќе, можат да го добијат опционалниот пакет Weissach сочинет од издувни цевки направени од титаниум, повеќе елементи од јаглеродни влакна, дополнително накитен интериер и уште некои логоа за да му покажете на светот што имате.

Производството на 718 Spyder RS ​​не е официјално ограничено, но нема да има многу од нив. Крајот на серијата е за две години. Потоа, спортски електричен автомобил на батерии ќе го замени моторот со согорување. Ниту лошата вест не мора да ја расипе радоста бидејќи моторот на RS е способен за е-гориво, па изгледите за негова продолжена кариера се можни. Јавното појавување е закажано за следниот месец на настан по повод 75-годишнината од постоењето на Porsche.

 

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER