Купе верзиите на AMG GLC останаа снагатори, но со помалку цилиндри
Грижата за околината и форсирањето на електриката го направија своето. Исто како кај претходно годинава прикажаниот кросовер AMG GLC и купе верзиите се збогуваа од V6 и V8 моторите.
Нивната улога ја превзема хибридизираниот линискиот четири цилиндраш од два литри. За тврдокорните следбеници на AMG ова е своевиден ерес, особено за оние што уживаа во звукот на хоровите сочинети од шест и осум цилиндри.
Никогаш линискиот мотор нема да ја надокнади таа мелодија, но со помош на турбо и електрификацијата добро парира со силата. Жртвуван е карактерот и звукот арно ама за поголема моќност, како и подобра економичност на горивото и помали емисии на издувни гасови. Новиот AMG GLC Coupe добива поелегантна каросерија.
Послабата верзија AMG GLC 43 моторот е засилен со благ хибриден систем за да испорача комбинирана моќност од 421 КС и добива кратко засилување од 13 КС од стартер-генератор. Тие заедно испорачуваат 500 Nm максимален вртежен момент при 5.000 вртежи во минута. Силата се насочува кон сите четири тркала преку стандарден деветстепен менувач.
Mercedes тврди дека може да достигне електронски ограничена максимална брзина од 250 км/ч и да забрза од нула до 100 км/ч за 4,8 секунди. Интересно, и покрај зголемувањето на резервите, времето на спринт се совпаѓа со AMG GLC 43 во заминување од 2023 година со 3.0-литарскиот V6 со битурбополнач со 385 КС.
Ако барате уште повеќе, тогаш за вас GLC S E Performance или замената за AMG GLC 63. Тој користи уште помоќна верзија на дволитрениот турбо бензинец која произведува 476 КС впарен со електричен мотор со 201 КС, батерија со високи перформанси и AMG Performance 4MATIC+ променлив погон на сите тркала.
Вкупната моќност на овој систем е импресивни 680 КС со максимален вртежен момент од 554 Nm. Спринтот 0-100 км/ч трае само 3,5 секунди, а максималната брзина е електронски ограничена на 275 км/ч. Ако размислувате за купе варијантата, треба да знаете дека ги има истите делови како AMG GLC.
Основата, суспензијата и погонските единици се исти. Покрај тоа, и внатрешноста е речиси идентична. На возачите би им било тешко да одредат во кој автомобил се наоѓаат само од оваа перспектива. Патниците на задната клупа би забележале разлика поради навалената линија на покривот и тоа е тоа. Податоците околу почетокот на испораките и цените се премолчени.