ПРЕМИЕРА – Ferrari Purosangue

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin

Нов галоп на растегнатото коњче!

Ferrari излегува на пазарот со модел со четири врати и погон на сите тркала, кој отворa нов сегмент. Важноста на овој модел се истакнува со фактот што се прикажува на 75. роденден на марката.

Во 75 годишната историја на Ferrari никогаш немало сериски модел со четири врати. Во 1980 година, основачот на компанијата Енцо Ферари, заедно со дизајнерското студио Pininfarina го разви прототипот Pinin, но Енцо не беше задоволен од возните карактеристики. Требаше да поминат речиси 40 години да се одобри каросерија со четири врати со знакот на Ferrari. Тоа се случи во 2018-тата кога тогашниот шеф на FIAT, Серџо Маркионе, го одбри Purosangue.

Рака на срце, имаше неколку изработки на каросерии со четири врати во историјата на Маранело, но тие беа специјални и уникатни по нарачка на принцот од Брунеи базирани врз моделот 456 GT. За воља на вистината, во списокот треба да се додаде и Lancia Thema 8.32, лимузина која беше задвижувана од моторот на Ferrari 328. Ferrari не сака Purosangue да се сфати како спортско корисно возило и покрај 18,5 сантиметри растојание од тлото, и го гледа како поспортски позициониран од, на пример, Lamborghini Urus. Тоа го потенцира со изразито необични форми и детали. Задниот дел е краток и динамичен, лаковите на тркалата се јасно одвоени од останатиот дел од каросеријата, а многуте аеродинамични карактеристики на каросеријата се впечатливи.

Онаму каде што всушност ги очекувате фаровите, има само дневни светла и ленти за трепкачите. Над нив, воздухот се насочува во просторот на моторот и се испушта странично на крајот од хаубата, а под неа се доведува до сопирачките. Под задните светла излегува воздухот од лакот на задното тркало, а има и голем дифузор. Внимание беше посветено на аеродинамиката на подвозјето, исто како и на каросеријата. Вратите електрично се манипулираат, а задните се отвораат спротивно од предните, но ставен е столб за да ја задржи каросеријата крута. Во духот на спортски автомобил задните седишта се индивидуални.

Јаглеродниот покрив значително ја намалува тежината и центарот на гравитација. Нема да има кука за приколка или заштита на подвозјето, но ќе има додатоци за носење велосипеди. Задните седишта може да се преклопат, а багажникот собира „скромни“ 473 литри. Изработката на интериерот, како што се очекува од Ferrari, е одлична. Има површини изработени од јаглеродни влакна и се користи алкантара и бокс кожа наместо грди замени. Ferrari нагласува  дека воланот, педалите и седиштата се идентични со спортските модели, а воланот практично е истиот од SF 90 сосе големите лопатки за менување на преносите.

Освен добро познатото ротирачко копче Manettino за менување на модусите за возење, повеќето прекинувачи се сензори на допир со пијано финиш. Мерачот на вртежите е во центарот на инструмент таблата, а прекинувачите на централната конзола имаат дизајн како и останатите модели од куќата. Purosangue јасно кажува дека во внатрешноста ќе се чувствувате како и во било кое Ferrari. За вистинските вљубеници во „растегнатото коњче“ сите овие податоци се второ степени. За нив најважното нешто е срцето! Во ова време големо изненадување е следењето на корените. Тука не се користи ниту намалување на кубатурата, ниту хибрид, ниту турбо.

Има атмосферски V12 мотор кој за оваа пригода е редизајниран. Зафатнината е 6,5 литри, брегастите оски се независни, а колекторот за воздух и просторот за довод се ревидирани. Така испорачува извонредни 725 КС (533 kW) при 7.750 врт/мин додека максималниот вртежен момент од 716 Nm е достапен при 6.250 врт/мин. Сепак, 80 отсто од максималниот вртежeн момент на располагање веќе е при ниски 2.100 вртежи во минута. Целта беше да се добие возило со брутални V12 перформанси, но да се однесува „цивилизирано“.

Сепак ова е Ferrari па спринтот од стоење до 100 км/ч трае само 3,3 секунди, а седум секунди подоцна веќе се достига 200 км/ч! Крајната брзина ја надминува границата од 300 км/ч. Осумстепениот менувач со двојна спојка е дизајниран да има седум „кратки“ преноси и долга осма брзина за автопат. Што се однесува до возните својства не се остава простор за сомнежи. Распределбата на тежината е идеална во однос 49:51, векторирање на вртежниот момент на предните тркала, управувањето и погонот на сите тркала обезбедуваат совршена тракција. Каросеријата може да се спушти за 10 милиметри, сервомотори се наоѓаат на потпорите на пружините, а системот е развиен со добавувачот Multimatic.

Ferrari дава големо значење на фактот дека Purosangue не ја засенува програмата за класични спортски автомобили. Поради оваа причина и за одржување на ексклузивноста, таа е строго ограничена на 20 проценти од вкупното производство на возила во Маранело. Редовните клиенти веќе добија можност однапред да го нарачаат својот Ferrari Purosangue, а интересот далеку ги надмина очекувањата. Цените започнуваат од нешто помалку од 400.000 евра, а испораките ќе стартуваат во вториот квартал на 2023 година.

 

 

Сподели

Последни новости

Најнова епизода

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 85.50 ден
  • еуросупер 98 - 88.00 ден
  • еуродизел Д5 - 98.00 ден
  • течен нафтен гас - 53.00 ден
  • метан - 161.50 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER