Патот кај Пресека „пресечен“
Објавено на 20 септември 2019 година
Сите кои денес после 11 часот ќе патуваат од и кон Охрид да си понесат со себе сендвичи, освежителни пијалаци и нешто со што ќе го скратат времето, бидејќи сообраќајот на патот кај Пресека ќе биде со повремени прекини. Причината е изведување градежни работи – минирање на делницата од Пресека до селото Врбјани. Се очекува прекините во одвивањето на сообраќајот да траат 10-15 минути, а работите да бидат завршени околу 14 часот. Сообраќајот на другите патишта во Македонија се одвива по суви коловози. Се препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово-Велес, Маврово-Дебар-Струга, Виница-Берово и Кочани-Делчево. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.