Најстариот автомобил со името Porsche оди на аукција
Некогаш лично возило на Фердинанд и неговиот син Фери, првиот автомобил кој го носеше нивното семејно име за една недела ќе го побара својот нов сопственик
Објавено на 9 август 2019 година
Станува збор за моделот Porsche Typ 64 од 1939 година, настанат како резултат на желбата на Фердинанд Порше да направи полесна и побрза варијанта на моделот KdF-Wagen, односно оригиналната верзија на VW-овата Буба. Предизвик беше со него да се учествува на трката Берлин-Рим закажана за септември истата година. Освен уникатната аеродинамична и алуминиумска каросерија, доби многу измени на шасијата и мотор засилен на 35 KS. Беа планирани и направени три примероци. Првиот настрада во сообраќајна несреќа во 1940-тата, вториот беше тешко оштетен после сојузничката окупација, а третиот настана на шасијата на уништениот прв примерок и преживеа. Токму тој Фердинанд Порше и неговиот син Фери го користеа како семеен автомобил и сега ќе се најде на аукција во Монтереј идната недела, предизвикувајќи ги колекционерите на ретките и посебни парчиња автомобилска историја да ги одврзат ќесињата.