Мал тротинет место резервно тркало
Идеално за оние што ги мрзи да чекаат и пешачат
Објавено на 23 мај 2020 година
Автомобилите некогаш имаа по две резервни тркала, а сега немаат ниту едно. Но тоа може и да се смени и повторно да имаат по две, ама сега со минијатурни димензии. Имено, чешката Škoda реши да понуди мал преклоплив тротинет кој идеално се сместува во подот на багажниот простор на Kamiq и Scala, на местото каде стои резервното тркало. Така, во случај на продупчување на пневматикот, возачот место да го менува или да чека додека дојде службата за помош на пат, со него може да се одвезе до првиот сервис, да ги остави клучевите и секој да си брка работа – идеално за оние што ги мрзи да чекаат и пешачат. Можеби звучи чудно ваквото размислување, но една не така нова студија откри дека само една третина од возачите знаат да сменат тркало, а една десетина навистина тоа го имаат сторено барем еднаш. За сите останати, овој скутер кој може да носи човек тежок до 100 килограми, чини 2.968 чешки круни, односно околу 110 евра.