Некои работи остануват исти
Иако автомобилскиот пазар во Европа моментално поминува низ големи трансформации, некои работи не се менуваат
Европскиот автомобилски пазар годинава изгледа многу подобро од лани или пак од пандемиската 2020-тата. Тоа го потврдуваат и податоците за продажбата која расте веќе 12 месеци во континуитет. Статистиката на асоцијацијата на европските производители на автомобили ACEA вели дека годинешниот пораст во однос на продажбата 2022-рата изнесува добри 17,5 отсто со што во периодот до јули беа пласирани 7,6 милиони возила. Од нив 1,1 милион се електрични, 560 илјади плаг-ин хибридни, скоро два милиона хибридни, 2,8 милиони бензински, нешто под милион дизели и 190 илјади возила кои користат друг тип на погон – водород, природен или нафтен гас, етанол и друго.
Лидер на пазарот и понатаму е Volkswagen групата со безмалку два милиона продадени возила, што е за солидни 24,6 отсто повеќе. На второто место е Stellantis со 1,3 милиони (+4,1%), а трет е Renault со 744 илјади (+22,6%). Понатаму следат Hyundai (672 илјади, +3,6%), Toyota (520 илјади, +11,7%), BMW (518 илјади, +11,2%), Mercedes (404 илјади, +7,3%), Ford (317 илјади, +12,6%), Tesla (205 илјади, +134,1%) и на десеттото место Nissan (171 илјада, +28,3%). Забележливо е дека освен Honda и Mitsubishi сите останати имаат пораст на продажбата.