Како Ламборџини Каунтач го доби името ⇒ Приказна од прва рака

Приказна од прва рака

Информацијата доаѓа директно од творецот на овој автомобил Марчело Гандини

Објавено на 11 август 2019 година

Приказна од прва рака за моделот кој е најзаслужен за имиџот на марката. Општо е познато дека Ламборџини називите на своите модели ги презема од имињата на биковите кои имаат учествувано во борбите во арените, често оние кои ги имаат усмртено своите мачители. Тоа не треба воопшто да чуди, бидејќи Феручо Ламборгини беше бик во хороскоп. Сé започна со Миура, борбените бикови одгледан на ранчот со истото име, кој го поседуваше добриот пријател на Феручо, Дон Едуардо Миура. Називот на расата од која произлегоа доста агресивни ѕвезди на коридата беше Гаљардо, меѓу кои Мурсиелаго беше најлегендарен бидејќи преживеа 28 удари со меч во борбите со матадорите.

До тука сé е јасно и познато со именувањето на автомобилите на италијанскиот спортски производител, но постои еден исклучок – моделот што ја има прекинато традицијата, според приказната добиена од прва рака директно од дизајнерот Марчело Гандини. Тој своевремено за него има истакнато дека кога работеле на автомобили наменети за изложување на автомобилските салони, обично тоа го правеле надвор од работно време, најчесто ноќе кога никој не им пречел во креативноста. А тогаш бидејќи сите биле уморни, разменувале шеги за да ја задржат концентрацијата на ниво. Меѓу нив имал и еден асистент кој работел на бравите и на сите ситни работи, висок два метри и со огромни шаки. Зборувал на пиемонтски дијалект и дури и Италијанците тешко го разбирале, бидејќи звучел како француски. Една од неговите најчести изреки била „каунтач“, што во буквален превод значи болест, односно зараза, а тој ја користел за да го изрази своето воодушевување со сработеното на екипата. Со тој свој обичај, тој им влевал на сите дополнителен морал да продолжат со напорната работа, во моментите кога бил најпотребен. Токму неговиот борбен дух сам по себе ја наметнал идејата на Гандини, повеќе на шега отколку сериозно, да каже дека најдобро би било на автомобилот на кој работеле да му го дадат името Каунтач. Во тој момент во негова близина се нашол еден Англичанец задолжен за механиката на прототипите, кој ги повторил зборовите на Гандини но со англосаксонски акцент, што на сите на прв момент им изгледало невообичаено чудно. Но, не требало да помине долг време за да сфатат дека тоа е вистинското име за идната легенда на Ламборџини.

Приказнава можеби не звучи толку импресивно како што треба, но како што обично е, реалните приказни не се толку епски како оние измислените.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER