Возевме – VW Amarok 3.0 TDI V6 Style

Со своите атрибути новиот Amarok е коњ за работа, но за парада и трка воедно. Еве зошто…

Полни дванаесет години на пазарот е присутен пикапот на VW. Меѓу староседелците во овој сегмент, Amarok успеа да се наметне преку новиот пристап со кого полека, но сигурно го изгради сопствениот имиџ.

Втората генерација е плод на заедничката соработка помеѓу Волфсбург и Дирборн. Партнерството опфаќа тесна поврзаност помеѓу комерцијалните возила, а за возврат американците добија пристап до електричната платформа на која го направија Explorer EV и во перспектива е развојот на идните електрични модели за Европа.

Сега како дел од пошироката соработка со Ford за комерцијални возила, германскиот пикап можеби малку ја разреди својата ДНК, но сепак дава уникате отисок. Amarok ја споделува основата со Ford Ranger. Иако се произведуваат под ист покрив, во Силвертон Јужна Африка, германците внесоа многу сопствени цитати со кои го надоврзуваат имиџот кого неуморно го градат.

Втора генерација на Volkswagen Amarok има маркантна појава и зголемени димензии во однос на претходната. Колосалните димензии, 5,35 метри должина (+96 мм),   191 сантиметри широчина и одбојкарските 188 сантиметри височина поставени се на 3,27 (+173мм) метри меѓуоскино растојание. Иако техничките параметри се превземени од американскиот близнак,  Amarok има дизјн со кого се одвојува од него.

Тоа најдобро се гледа на предницата каде издлабеното лице е врамено со LED светла кои наликуваат на оние од семејството ID. Обликот на предниот браник има „X“ дизајн кого го дефинираат закосеноста на маската на ладилникот и долната заштитна пластика офарбана во сребрена боја која совршено се совпаѓа со лајсната под фаровите. Зададената линија продолжува кон кабината.

Таму рачките на вратите, долната рамка на стаклата, ретровизорите и страничните прагови имаат полиран раб кој финишира на шините во товарниот простор. Amarok има квадратни сводови, над 18 инчните тркала, чија форма ја нагласува неговата намена. Задниот дел е оформен за лесен пристап до товарниот простор но не се откажа од естетиката. Намената е му е за работа и оптоварување, но и тука се поставени хромирани детали што ја оплеменуваат прилично грубата форма.

Целината ја дефинираат стоп светлата во форма на бумеранг и втиснатото има на врата со јасна идентификација на моторот и погонот на сите тркала. Товарниот простор може да собере евро-палета, има носивост од 1.113 килограми додека алките за врзување можат да издржат товар од 400 кг.

Тој е со должина од 1,62 метри и ширина од 1,58 метри, а меѓу тркалата бележи ширина од 1,22 метри. Згора на тоа, сериски Amarok е опремен со кука за влечење која лесно се демонтира. Со неа тој е способен да влече приколка со вкупна тежина до 3,5 тони.

„Парадерски“ дотераната надворешност продолжува во внатрешноста. Кабината има доволно простор за петорица. Веднаш се добива впечаток дека се работи за нешто поинаков пик-ап. Додека конкурентите пристапуваат во опремувањето за работници, во Amarok нивните колеги ќе се чувствуваат како газди. Нивото на опременост Style е поблиско до луксузен теренец отколку на пик-ап.

Возачкото седиште електрично се подесува, во 10 насоки, удобно е и го подржува телото во целост. Интериерот е пресвлечен во кожа и велур, а сите површини се изработени од мека пластика и обврнато е доста внимание на нивното прецизно вклопување. Пред возачот е вистинска VW панорама. Воланот користи физички копчиња и лесно се контролираат сите предвидени функции.

Доволни се само две кратки притискања за да го исклучите системот за помош во лента, на пример. Инструмент таблата е дигитална и сите вредности ги пресликува на 12,3 инчен екран. Централната позиција во кабината ја зазема вертикално поставениот екран на допир. Тој се протега на 12 инчи. Веднаш под него поставени се физички копчиња што овозможува лесен пристап до функциите како што се јачината на звукот, режимите на возење и поставките за климата.

Меѓутоа, ако сакате да ја прилагодите температурата, сепак ќе треба да го направите тоа со притискање на екранот наместо со прилагодување на бирачот. Тој работи со верзија на инфозабавниот систем на Volkswagen и има безжично поврзување со Apple CarPlay и Android Auto. Вклучена е подлога за безжично полнење на мобилен телефон, како и двата типа на USB порти за полнење.

Во задниот дел има повеќе простор на задните седишта во споредба со претходната генерација благодарение на подолгото меѓуоскино растојание, а нема да има поплаки за просторот за главите ниту за рамениците. Под седалката на задната клупа предвиден е простор за складирање, но нема решение за одлагање на помали торби.

Чувството што го остава внатрешното уредување се пресликува и во возењето. Во првите километри ќе мора да бидете максимално сконцентрирани. Сепак зад управувач сте на огромно возило. Високата позиција на седење нуди добар поглед но Amarok има високо поставена хауба што ви го ограничува погледот веднаш пред возилото.

За среќа, предните сензори за паркирање и итно сопирање со детекција на пешаци и велосипедисти се стандардни кај секој модел во гамата на Amarok, што треба да даде сигурност дека вашата околина е чиста. Помошта што доаѓа од системот за асистенција на возачот од третата генерација кој ја мониторира состојбата и уредно ја прикажува на дисплеите е драгоцена.

Кога ќе се навикнете на димензиите што ги управувате тогаш добивате сосема поинаква перцепција за Amarok. Управувањето е лесно и прецизно. Три литрениот V6 дизел испорачува 241 КС и мамутски 600 Nm. Нему му помага десет степениот автоматски менувач на Ford, кој обезбедува непречено менување и го задржува моторот во опсегот на моќност поголемиот дел од времето.

Бројачот на вртежи ретко надминува 2.000 вртежи во минута. Промените на брзините обично поминуваат без најава, се додека возите разумно. Ако ви треба наплив на забрзување, менувачот брзо паѓа неколку степени. Комбинацијата на менувачот и моќниот турбо-дизел овозможува и добри меѓу забрзувања, а не е проблематично одржувањето на посилно темпо во возењето. Ниту пак не е проблем да спринтат и да постигнувате голема брзина што го прави Amarok и солиден тркач.

На пат, искуството на возење на Amarok е речиси исто толку рафинирано и културно како она на голем теренец. Нема многу галама од ветерот или бучавата од патот, дури и при брзини на автопат. Потпирањето има одредена количина на нервоза. Тоа е нуспроизвод на фактот дека Amarok мора да се справи со тешки товари во задниот дел.

Поради тоа задните пружини се лиснати. Компромисот е јасен, па неможе да се очекува совршенство. На нерамни коловози, а кај нас тие се насекаде, се јавуваат забележителни вибрации кои пречат на удобноста, никако на управливоста.  Volkswagen Amarok е доста способен кога треба да одите надвор од патот. Тој има минимални надвиси на каросеријата па теренската способност е подобра.

Аголот на приближување е 30 степени, додека аголот на заминување е 26 степени. Во комбинација со погонот на четири тркала и заклучувачки диференцијал на задната оска, го ставаат Amarok во добра позиција кога се справува со попредизвикувачки терен или услови. Има неколку режими на возење, секој покажува детална анимација која е дизајнирана да им помогне на оние кои можеби не се толку искусни или сигурни кој режим да го изберат во дадена ситуација.

Откако ќе се избере режимот автоматски се активира применливата поставка. Со големо растојание од подлогата Amarok добро напредува дури и на најсложените беспатија и карпи. Изгледа дека малку се напрега, иако пневматиците Goodyear Wrangler што беа поставени на нашиот тест автомобил за теренскиот дел исто така помогнаа. Десетстепениот автоматик го одржува моторот за пружање на оптимални перформанси, што резултира со подобар одговор на предизвиците.

Доколку сакате, можете да изберете рачно да го користите менувачот преку копчињата од страната на менувачката палка, но тоа е крајно не практично. Никако неможам да се навикнам на вакво некорисно и бесцелно решение. Не ми е јасно зошто не се ставени лопатки зад воланот, па дури и притискање на палката напред или назад!? Најдобро е да се помирите со тоа и да се препуштите на автоматиката.

Уште една ситница поврзана со менувачот. Во моето возење открив дека растојанието помеѓу позицијата за возење, возење наназад и позицијата за паркирање, е многу кратко. Поради тоа повеќе пати при манипулирањето ја промашував саканата позиција. Можеби сопствениците ќе се навикнат на ова со текот на времето.

Моето дружење со Amarok траеше околу 600 километри во кои поголемиот дел беше на асфалт, но излетите на терен оставија силен впечаток и заклучокот дека ова е сестрано возило способно да одговори на секоја задача. Втората генерација на Volkswagen Amarok изгледа и се чувствува многу помодерно од моделот што го заменува. Подобрено е искуството во возењето, кое е поцивилизирано благодарение делумно на мазната работа на 10-брзинскиот автоматски менувач.

Тој е посебен пикап. Иако има ДНК на Ford, внатрешното вклопување и завршна обработка се според очекуваните стандарди на Volkswagen. Неможе ниту да му се замери просечната потрошувачка од 11,3 литри. Amarok можеби е идеално решение за избор на возило доколку живеете некаде каде просторот не е ограничен.

Цената на тест возилото од 52.600 евра е сосема оправдана. Рака на срце, со таа сума на пари неможе да ја добиете основната изведба на Touareg. Можеби тука лежи одговорот зошто во некои делови на светот пикапите уживаат поголема популарност од теренците.

Доколку ви е потребно вака сестрано возило благодарение на финансирањето од Шпаркасе Лизинг набавката може да биде едноставна. Со учество во висина од 10.520 евра и отплата на 60 месеци, ратата изнесува разумни 860 евра.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER