Возевме – Alfa Romeo Tonale 1,5 Speciale

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin

Еден потполно нов тоналитет!

Со своето второ спортско-корисно возило  Alfa Romeo покажува големи амбиции. Tonale е направен да ја врати компанијата, по подолго време, на профитабилниот колосек, но и да направи пат за повеќе нови производи. Затоа употребена е формула која би требало да ги исполни очекувањата и на купувачите и на компанијата.

Alfa Romeo од секогаш била нешто посебно. Неа можете да ја сакате, да ја мразите, да ја фалите или кудите, да ја третирате како изразито спортска или премиум марка, само никогаш нема да ве остави рамнодушни. Вистинските Алфисти тешко го прифатија намалувањето на гамата и воведувањето на „теренците“ во понудата. Тоа беше неопходно поради повеќе причини, пред се поради популарноста на ваквите возила и фактот дека секоја марка има свои модели со теренска конотација. Како дел од групацијата Стелантис Alfa Romeo доби нова шанса да опстане и неа Миланезите ја зграпчија. Сите карти се фрлени на Tonale, модел кој има добри шанси да ги повлече работите во позитивна насока.

Првиот впечаток го дава дизајнот.

Со оглед дека Alfa Romeo не лансира многу модели, Tonale мораше да има „WOW“ ефект. А тие ефекти се забележуваат насекаде. Поставен е на подвозјето на Jeep Compass па формата на каросеријата е типично кросоверска, но тука на сцена стапија италијанските мајстори успевајќи да извлечат максимум во детаљите. Првично на надворешниот изглед каде светлосните групи подвлечени со три бранови на фаровите и на стоп светлата прават сите да се загледуваат.

Во очи паѓа и традиционалниот штит на маската на ладилникот кој ја одвојува од сите останати ривали. Со должина од 4,5 метри ова не е мало возило. Робусноста ја истакнуваат големите 20 инчни тркала во форма на дијамант кои го „напумпуваат“ впечатокот. На ова се додава натписот Speciale поставен над лаковите на предните тркала кој, осем што дава до знаење дека ова е изведба во засега највисоко ниво на опременост, му додава уште една италијанска мирудија на Tonale. Целата долна линија е врамена со пластика што го интензивира теренскиот имиџ, но за разлика од примерот на останатите марки, тука се лакирани.  Накратко, Tonale се издвојува од сивилото употребувајќи ги сите можни арументи што ги дозволуваше неговата основа.

Во внатрешноста зрачи атмосферата типична за Алфа. Овални дифузори за воздух, спортско обликуван волан каде е поставено копчето за стартување на моторот, големи лопатки за менување на преносите и неизбежното италијанско знаме! Зад воланот на Alfa Romeo Tonale добивате удобна положба за возење со многу прилагодувања на воланот и седиштето а амбиентот е луксузен и го оправдува беџот Speciale.  Секој Tonale има инфозабавен екран од 10,25 инчи со Android Auto и безжична Apple Carplay конекција.

За разлика од постариот систем што се користи во Giulia и Stelvio, можете да го користите софтверот за препознавање глас Alexa за да се справите со некои основни команди. Оперативниот систем е брз, има остра графика и едноставна структура на менито. Јас би бил позадоволен доколку страничните полињата на екранот би биле поголеми заради полесно избирање на одредени функции при возење. Присуството на физички контроли за клима-уредот е за пофалба. Видливоста нанапред е добра, но високите задни потпирачи за глава го замаглуваат она што можете да го видите зад вас.

 На пат низ Македонија

Пред мене е амбициозен план и си дадов задача да извозам маршрута која се протега низ сите страни на Македонија. Отежителна околност е дождот што упорно паѓа неколку дена. Борд компјутерот покажуваше дека имам гориво за повеќе од 600 километри. Тоа го овозможува однапред декларираниот економичен турбо-бензинец од 1,5 литри засилен со благ хибрид.

Неговата сила од 130 коњи ја надополнува електро моторот со уште 20 кога е потребно, особено при нагли забрзувања. Така стојат работите на хартија. Време е тие да се проверат во пракса. Високата позиција на седење отвора добра панорама пред возачот проследена со удобноста на седиштата. Потребно е малку време возачот да се почувствува дека е на познат терен. Веќе во првите километри се чувствува мекото работење на автоматскиот менувач со моторот. Во градски услови на возење весело се нижат преносите и движењето е линеарно. Очекував дека моторот повеќе ќе се напрега, особено со честите тргнувања и застанувања. Токму кај нив забележав дека заинтересирани погледи се лепат на Tonale. Без оглед дали се други возачи или пешаци, сите со љубопитност и изразена доза на симпатии го меркаа шармантниот Tonale.

Убав почеток на едно дружење, зарем не? Сепак не е се розево како што се чини. Опремен со благ хибрид од 48 волти и батерија од 800 вати, теоретски би можел да ја задвижува каросеријата на струја. Треба да сте извонредно нежен со педалата за забрзување тоа да се случи. А кога сте зад воланот на Alfa тоа е тешка ментална бариера. Од Alfa во најмала рака се очекува да биде темпераментна, што е и случај иако моторот е скроен првенствено да биде економичен и еколошки. Полека излегувам од Скопје и се упатив кон Кратово. Првите километри на „отворено“ ги поминувам навикнувајќи се активниот темпомат со чија работа возачот лесно се навикнува и може да се посвети на хедонистичкиот дел од работата. Во прилог на тоа е извонредниот Harman Kardon аудио систем со 14 звучници обезбедувајќи одличен квалитет на звукот.

Tonale лесно го поднесува темпото на „крстарење“ на автопат. Тука во преден план доаѓа изразената доза на префинетост и звучна изолација. Ветерот и бучавата од патот се добро пригушени, но кога се вклучува хибридниот погон тогаш е прилично гласен. Во останатите случаи седумстепениот автоматски менувач добро ја одржува работата на вртежите на ниско ниво, а звукот на моторот е пригушен. Ништо поинаку не е кога се вози по регионални патишта. Нерамнините се чувствуваат во рамките на очекуваното. Иако подвозјето е позајмено од Јеер, останатите елементи поминаа низ рацете на италијанските специјалисти па управувањето е директно, прецизно и пружа одлична интеракција. Првите час и половина поминаа брзо и релаксирано.

На мака се познаваат јунаците

По извозени осумдесетина километри дојдов до првото исклучување на пат од трета категорија до знаменитоста Куклица. Токму на овие неколку километри се забележа предноста на поголемото растојание од тлото. Иако асфалтиран, делницата е во лоша состојба и е тесна да се разминат возила без внимателно застанување при тоа. Веднаш испод прекинувачите за клима уредот се наоѓа овалниот селектор на модусите на возење.

Го избрав активниот модус кој му дава команда на моторот и менувачот да ги цедат вртежите и воланот станува малку по тврд. Останатите впечатоци за управливоста и прецизноста остануваат исти. Можеби токму на овој пат ќе беше поудобно возењето со помали тркала и помеснати пневматици, но доколку би била за мене, сепак би останал на големите 20 инчни тркала. Со самото паркирање дождот се смилува и прекина да врне. По краткото растегнување на нозете помеѓу природните камени скулптури, повторно се вратив во Tonale. Се упатив кон Велес. Изразито брдската секција помеѓу Кратово и Пробиштип лесно ја извозев.

И при напрегања Tonale отмено се држи и покажува дека има доволно сила и капацитет да ги задоволи новите Алфисти. Најмногу се истакнува подвозјето чие дотерување не само што е избалансирано туку овозможува, доколку тоа го сака возачот, да биде забавно. Без многу предизвици стигнав до Велес и се упатив на југ. На автопатот уживат во звуците на омилените песни кои си ги имам во телефонот а нивното репродуцирање преку инфо забавниот систем беше непречено. Единствено ме фрустрираше дождот кој не им даваше пауза на бришачите. Темпото од 130 км/ч се одржуваше релаксирано и економично. Моменталната потрошувачка беше 6,9 литри. Се одвоив за Росоман сакајќи да го поминам Плетвар. Поради работењето на патот бев принуден два пати да застанувам на привремено поставените семафори.

Престојот во кабината е пријатен дури и кога не сте во движење. Тогаш имате време да ги забележите пластичните површини што не оставаат силен впечаток, но тие се прецизно споени и не пуштаат звуци на нерамнините. Погледот на Прилеп ми го разбуди апетитот. Не бев доручкуван, веќе е пладне и вреди да се направи пауза за ручек. Е тука, облакот што го влечкав од Скопје ја демонстрира сета сила истурајќи монсунски количини на вода. Барем уживав во оброкот проследен со релаксирачкиот ритам на дождот и по некој грмеж. Добрата пауза ме мотивира да продолжам со возење. Желудникот ми сигнализираше дека е полн, а резервоарот на Tonale беше на половина.

Каде понатаму?

Не размислував многу. Наместо назад по истиот пат решив да одам од другата страна, преку Македонски Брод. Живописните предели и патниот правец исполнет со свиоци повторно ја кренаа атмосферата на „возачко ниво“.

Решив да возам динамично што и не беше голем предизвик. Ќе повторам, во Tonale го имате чувството дека сте во Alfa Romeo и тоа треба да се признае без многу двоумење. Силата од 130 коњи е сосема доволна за забавно возење, а засилувањето од дополнителните 20 коњи што доаѓа од електромоторот се испорачува на рафали и кога е потребно. Преносот на силата е на предните тркала додека манирите што ги дава подвозјето и управувањето се прилично избалансирани за оваков тип возило. Сопирачките се исто така добри, со цврсто и прогресивно чувство во режимите на возење со нормална и напредна ефикасност што Алфа Ромео го нарекува ДНА.

Динамичниот режим ја изострува педалата на сопирачката, што дава чувство на задоволство и овозможува подоцна да кочите отколку во нормални околности. Кога го заковувате педалот за гас наместо да го скокоткате, тој не иницира ерупција, но доволно е да оправда семејната припадност. Времето на Tonale од 9,6 сек. од 100 км/ч не е баш прекрасно, но доволно. Вистинските Алфисти можеби би сакале пократок спринт и повеќе коњи, но тоа во овој случај е непотребно.

Tonale се покажува како добро избалансиран помеѓу функционалноста, опременоста и динамичките својства. Особено има добри манири во свиоци, а неговото прецизно управување дава импулс дека можете да одржувате солидно темпо на кривулести делници. Севкупно, Tonale се чувствува како висок семеен хечбек и се справува со свиоците со побрзо и покооперативноо управување кое бара помалку ангажман. Покрај неговите големи тркала, возењето на Tonale со стандардната суспензија е импресивно, а ударите со мала брзина од дупките добро се апсорбираат.

Никогаш доста забава

Уште една дилема ми се појави кога дојдов до одвојувањето за Македонски Брод. Дадов десен трепкач и решив да возам по течението на Треска кон Козјак. По волку извозени километри во секакви услови, а несебично следен од дождот, немаше веќе тајни помеѓу мене и Tonale.

Чувството на самоувереност преовладуваше, особено спознанието дека ниско литражниот мотор одлично си ја врши работата, па дури и кога рачно ги менувате преносите. Расположен е да работи во поле на високи вртежи само тогаш збогувајте се со економичноста. Јас одлучив да уживам во пределот кого не го гледам често и се восхитував на убавините околу мене. И така стигнав до резерватот Јасен каде има посебен режим на движење. Токму тој пат е извонредно предизвикувачки но поради повеќето возила што чекаа да преминат се возеше споро и во колона. И во таа пустелија почувствував дека Tonale е во центарот на вниманието.

Едноставно сите погледи од колоната возила беа усмерени кон него иако беше толку нечист што едвај му се препознаваше бојата. Веќе беше ноќ кога пристигнав пред мојата зграда. Вкупно поминав 512 километри и забележав просечна потрошувачка од 7,1 литар. Светлата ме испратија до влезот каде ме дочека комшијата маѓепсан од нивниот ефект. „Комшија што е ова, бесно изгледа? Ауууу какви му се фаровите… Добро си ја испрљал, мора да е јака!?“. Не е јака комшија, одговорив, има силен карактер.

Tonale со полно право го носи беџот на Alfa Romeo. Во секој поглед. Тука е заборавен слоганот „Спортско срце“ бидејќи сега се други времиња и со други приоритети. Најголем за Миланезите е да опстанат на пазарот, а Tonale е лансиран со таа цел. Извонредно опремената едиција Speciale проследена со одличниот менувач и разумниот мотор чини 49.000 евра, сума што можеби е дискутабилна кога ќе се прочита и сосема прифатлива кога Tonale ќе се доживее.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER