Бугарија го запира увозот на возила под Еуро-4 нормите
Објавено на 30 јуни 2019 година
Според статистиките Бугарија и Естонија се единствени држави во ЕУ во кои лани се зголеми продажбата на возила. Но не било какви – најголем дел од нив се увезени стари со норми за издувните гасови под Еуро-4 стандардите. Во моментот тие се и најбарани – на плацевите за продажба на стари возила доминираат оние со производство околу 2000-тата со Еуро-3 норми и цена од околу 3.000 лева. Посебен проблем се дизелите – лани се продадени 20.000 вакви автомобили постари од 10 години, кои долгорочно ќе ги нарушуваат активностите за поздрава животна средина. Заради тоа властите размислуваат да воведат забрана за увоз на возила со норми под Еуро-4 стандардите, почнувајќи од 1 јануари 2021 година. Првиот чекор е направен и веќе е дел од националната програма за контрола на воздухот донесена од министерството за околина. Се предвидува и значително намалување на бројот на дизел автобуси во градскиот транспорт – до 2030-тата за 50%, а до 2050 година да нема ниту еден.