Мото светот започна да се буди од зимската пауза. Triumph го лансира својот адут.
Новитети на две тркала подготвени за пазарно лансирање има за сите. Triumph како и минатите години е еден од повредните и годинава ја стартуваше со обновениот Speed Triple 1200 RS.
Овој брутален уличен тркач во новиот круг во трката за купувачите ќе настапува со дополнително заострен дизајн, помоќни перформанси и оптимизирано однесување на асфалтот.
Трицилиндричниот агрегат е засилен на 183 коњски сили благодарение и на полесниот и покомпактен Akrapovič титаниумски издув со карбонска излезна капа. Возачот може индивидуално да ги подеси својствата на полуактивното Öhlins ослонување според седум параметри.
Поширокото и повисоко поставено кормило во комбинација со прилагодливиот амортизер обезбедуваат подобро ракување, за што придонесуваат и полесните тркала.
Електрониката вклучува контрола на подигнувањето на предното тркало, пет програми за возење, а петинчниот TFT дисплеј меѓу другото има и навигација и аудио функции.

