Suzuki GSX-S1000

Моторцикли

Акцент на механиката

Типично за Јапонците направени се темелни подобрувања

објавено 05. мај 2021

Цели шест години од неговото претставување, Suzuki GSX-S1000 во голема мера остана непроменет. Затоа и Јапонците сега со доаѓањето на ерата на Еуро 5 нормите одлучија дека е добар момент да се направат посериозни измени на моќниот уличен тркач. Suzuki го опишува дизајнот на новиот GSX-S1000 со зборовите остар како жилет, што значи дека не се дозволени никакви облини. Пакетот стилски подобрувања започнува со скалесто наредените хексагонални ЛЕД светла, а силуетата на мотоциклот е поелегантна и покрај новиот и поголем резервоар. Инженерите се разбира најдлабоко посегнаа во погонската механика, која иако малку се разликува на хартија во пракса дава посериозен карактер. На моторот кој и понатаму има 999 кубни сантиметри сменети се еден куп делови и тој сега располага со 150 коњи и изменета крива на распределбата на вртежниот момент.

Таа му дава подинамичен одговор при забрзувањето кое до 200 километри на час трае 6,6 секунди. Генерално кажано однесувањето низ целиот работен опсег е поагилно, за што заслуга имаат и корегираната рамка и прилагодливото ослонување. Системот против блокирање на тркалата е стандарден, а електронските помагала на возачот засилени со уште некоја практична функција. Ревидирана е и ергономијата која за полесна контрола го сместува возачот малку повисоко во редизајнираното седиште. Новите мултифункционални LCD инструменти се со големи димензии и даваат прилично јасна слика. Сé на сé Suzuki подготви добро спакуван нејкед мотоцикл кој идниот месец ќе се најде во продажба по цена од околу 13.000 евра.