Mini конечно го претстави новиот Aceman, електричен кросовер кој ќе се натпреварува во субкомпактната класа.
Новиот член во модерната линија на Mini го премостува јазот помеѓу Cooper и Countryman комбинирајќи практичност со агилност.
За разлика од останатите модели тој ќе се нуди исклучиво со електричен погон со две големии на батерии и мотори. Aceman ќе се продава на пазарите во Европа, Кина и Северна Америка. Дизајнот на Mini Aceman ги комбинира шармантните карактеристики од хечбекот Cooper со аголни детали од Countryman.
Дарежливите количества на мат црна пластична обвивка околу каросеријата и шините на покривот го спречуваат да личи на висок хечбек, давајќи му кросоверска појава омилена кај купувачите. Стаклените површини што ја обвиткуваат каросеријата и пловечкиот покрив се типични дизајнерски црти на компанијата, како и октагоналната решетка напред.
Таа служи главно за украсни цели, додека долниот довод на браникот обезбедува доволно ладење за внатрешните делови на ЕВ. Предните светла делуваат привлечно и нудат три различни режими за LED графика. Кога ќе дојде на пазарот, кон крајот на годинава, Mini Aceman на купувачите ќе им понуди четири нивоа на опременост. Тоа се Essential, Classic, Favoured и JCW, секоја со соодветни визуелни печати.
Предводникот JCW се одликува со уникатен дизајн за браниците, чили црвен покрив, ленти на хаубата и високо-сјајна црна завршница на надворешните пластики. Со вкупна должина од 4.075 мм, Aceman е за 217 мм подолг од Cooper и цели 35 цм пократок од Countryman, сместувајќи се меѓу двата модели по пензионирањето на Clubman.
Внатрешноста изгледа многу слично на Cooper, а единствениот дисплеј е кружниот OLED екран на допир од 9,44 инчи во центарот. Додека повеќето од функциите се интегрирани во екранот на допир, има неколку прекинувачи за старт/стоп, рачна сопирачка, менувач и контрола на јачината на звукот што му го олеснуваат животот на возачот.
Инфозабавата MINI Operating System 9 е инспирирана од паметните телефони и го интегрира новиот интелигентен личен асистент на Mini наречен „Spike“. Возачот има пристап до осум изборни режими за „мини искуство“ кои го менуваат внатрешниот амбиент со посебна графика за екранот, придружена со различни осветлени обрасци.
Контролната табла е украсена со плетен материјал, облогата на вратата е изработена од рециклиран полиестер, додека седиштата доаѓаат со избор на текстилни површини или перфориран тапацир Vescin.
Кросоверот е опремен со дванаесет ултразвучни сензори и четири камери за поглед од 360 степени, поддржувајќи го пакетот ADAS кој може да вклучува софистицирани системи како Driving Assistant Plus и Remote Parking. Mini Aceman ја дели основата со електричниот Mini Cooper, па не е изненадување што двата модели нудат исти погонски единици и батерии.
Почетното ниво на Aceman E е опремено со еден електричен мотор кој произведува 184 КС и 290 Nm вртежен момент. Го храни батерија од 40,7 kWh обезбедувајќи возење до 310 километри.
Aceman SE може да се пофали со помоќен електричен мотор, кој произведува 218 КС и 330 Nm повторно испраќајќи ја силата на предните тркала. Со поголема батерија од 54,2 kWh, тој постигнува автономија до 406 км. Производството на Aceman ќе започне во Кина, а од 2026 година и во фабриката на Mini во Оксфорд.