Audi Q5 – Тато се враќа дома

Во минатото, премиум брендовите се дефинираа преку нивните лимузини, но времињата се менуваат…

Денес таа улогата на лимузини ја превземаат спортско корисните возила кои постигнуваат најголеми бројки на продажба и го обликуваат имиџот на брендот.

Во Audi, ова е првенствено Q5, удобно и луксузно опремен, со спортско управување и многу простор. Тој се етаблира како извонредно битен модел на компанијата од Инголштад во текот на две генерации. Сега на сцена доаѓа третата. Според она што ни обзнанува Audi, ова е најновиот и најдобар Q5.

Моделот е важен дел од продажбата на марката 15 години, па Audi не остави ништо на случајност во неговото ажурирање. Направи целосно трансформирање на надворешниот дизајн и инсталирање на нови и поекономични бензински и дизел мотори. Дизајнирањето на возило што изгледа елегантно наместо робусно не е мал подвиг, но Audi го направи токму тоа. Благодарение на паметните стилски допири, вклучувајќи ги прекрасните кривини и набори, Q5 изгледа помал отколку што е всушност, и убаво е да се види нов модел во кој не доминираат остри линии и драматични агли.

Меѓу клучните надворешни елементи се дигитални OLED задни светла од втората генерација кои можат да ги предупредат останатите учесници во сообраќајот за  незгоди со прикажување приспособена графика на задните светла. Напред се ставени стандардни Matrix LED светла со осум прилагодливи светлосни потписи. Кога станува збор за погонот, Audi се потпира на еволуцијата на докажаните, а тоа се: дволитарски бензински и дизел мотори со хибридизација од 48 волти што во моментов се покажува како најчистото и технички најразумно решение што постои.

Со 204 КС, бензинските и дизел моторите се подеднакво моќни. Постои уште една варијанта за ентузијастите наречена SQ5. Кај неа под хаубата се наоѓа три литарски V6 кој произведува 367 КС, исто така хибридизиран од 48 волти. Сите верзии доаѓаат со автоматски менувач со двојна спојка. Благата хибридизација ја зголеми вкупната тежина за 70 килограми, но тоа е сепак помалку од plug-in хибридот, кој ќе следи со временско задоцнување а ќе биде аплициран кај четири цилиндерскиот бензински мотор, во нивоа на моќност од 299 и 367 КС.

Овие варијанти треба да можат да се движат на струја до 80 километри пред да се вклучи моторот на согорување. Љубителите на дизелот ќе можат да се радуваат и на три литарски V6 TDI, што засега не е официјално потврдено, но е извесна опција. Благодарение на новата платформа РРС, како и ревидираните системи за суспензија и управување, Audi вели дека Q5 е значително поудобен од моделот што го заменува.

Стандардните изведби вклучуваат адаптибилни амортизери, додека воздушното потпирање со адаптивни контроли на амортизерите е опција. Во интериерот усвоен е нов внатрешен концепт за најновата генерација на Q5, иако тоа не е радикално отстапување од другите постоечки модели на Audi. Заоблениот дисплеј ги содржи 11,9 инчниот дигитален приказ на инструментите и 14,5 инчниот MMI инфозабавен дисплеј, додека 10,9 инчен дисплеј опционално е достапен и на совозачката страна.

Audi вели дека кабината на новиот Q5 е попространа од кога било досега. Задните седишта нудат и многу прилагодувања, вклучително и функција на навалување. Македонските купувачи, кои се прилично наклонети на Audi Q5, Ќе се израдуваат на неговото пристигнување кај нас во почетокот на март следната година кога ќе бидат познати и цените.

 

 

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER