Британската влада го спасува JLR

Сериозно повреден од хакерскиот настап, Jaguar Land Rover доби финансиска поддршка од британската влада за да се врати во живот

Вкупно 1,5 милијарди фунти – толку даночните обврзници на Обединетото кралство ќе одвојат за спасот на националната гордост Jaguar Land Rover. Парите додуша се позајмица во вид на државна кредитна гаранција и не се наменети само за компанијата која е во индиска сопственост туку и за синџирот добавувачи. Нив ги има околу 700 и тие исто така дебело се погодени од хакерскиот напад кој го сруши компјутерскиот систем на JLR пред еден месец. Сумата е многукратно поголема отколку проценките на штетите на компанијата кои се движат од 5 до 7 милиони фунти дневно, но колкава и да е треба да биде доволна сé за да се врати во живот.

Jaguar Land Rover има три фабрики во Британија кои заедно со оние на добавувачите веќе започнаа со радикални мерки за штедење – принудни одмори за некои, намалување на бројот на работни часа за други и откази за трети. Британска влада образложувајќи ја својата одлука извести дека смета дека хакерскиот напад на JLR не е само напад на производителот туку и на целиот автомобилски сектор во земјата. Се очекува неделава постепено да започне да се рестартира производствениот процес што би требело со месеци, а парите ќе се враќаат во рок од пет години.

 

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER