Интервју Стив Матин :: За Lada најважно е да е привлечна, но да остане достапна

За Lada најважно е да е привлечна, но да остане достапна

Претседателот на AutoBest жирито Илија Селиктар, заедно со Петр Менших од најголемото и најавторитетно руско автомобилско издание ЗаРулем, имаа можност да се сретнат и разговараат со главниот дизајнер на Lada Стив Матин на автосалонот во Москва и заедно да го прашаат за најинтересното за нас. Ова е резултатот од средбата
Објавено на 12 септември 2018 година

Петр Менших: Господин Матин, доста долго ја снимавте вашата Granta на штандот. Најдовте ли нешто што не сте го довршиле на неа?

Стив Матин: Не станува збор за нешто недокажано. Напротив, многу сме горди со нашите производи. Едноставно сакам да ги снимам моите автомобили, а немав многу време заради интервјуата овој ден и затоа ова го правам во паузите меѓу нив, кога ќе најдам повеќе слободно време. Го сакам фотографирањето и затоа снимам сé што правам, мојот живот и сé што е неизоставен дел од моето секојдневие.

ПМ: А сепак, гледајќи го автомобилот, што би му додале денес?

СМ: Не станува збор за некакви промени. Работевме здраво за да биде различен од претходникот, да го поврземе со новите промени кои го прават новиот изглед на марката. Многу е важно што марката се развива и ние сме готови со новите производи кои го предводат изменетиот идентитет на марката. Ако го погледнете лицето на Granta ќе видите дека тоа ги сврзува сите наши нови модели – X-лицето, X-страниците со форма на бумеранг и гледајќи го автомобилот однапред и отстрана ќе видите една помала Vesta. За нас тоа е многу важно бидејќи имаме многу клиенти кои се инспирирани од новото лице на марката, но досега не беа во можност да си го дозволат современиот облик заради повисоката цена на Vesta. За нив ја подготвивме новата Granta, кај која применивме многу дизајнерски промени за да изгледа поубаво. Таа сега има и нови пропорции – порано изгледаше тесна и висока, а сега е поширока, помасивна и поимпресивна. Наместо брава на багажникот тој сега се отвора со копче, браниците се со спортски дизајн, нови се и тркалата, а на ретровизорите ставивме мигавци. Многу работевме и на ентериерот – новата табла има нова графика, седиштата се подобри, ставивме и нов текстил. Тука се и неколкуте варијанти – седан, хечбек, лифтбек, комби и крос.

ПМ: Дали ви е тешко да работите со руски компоненти? Гледате ли перспектива во тој правец?

СМ: Многу работам со руски доставувачи. За вакво ценовно ниво и фиксиран буџет не можеме да си дозволиме на пример помека пластика во ентериерот. Буџетот се распределува приоритетно – за нас првостепено важно беше создавањето на нов надворешен изглед на автомобилот и да се фокусираме на определени елементи од ентериерот. Освен тоа, требаше да се направи Granta и Vesta да бидат различни, бидејќи се во различни ценовни сегменти.

Илија Селиктар: Неколку лични прашања. Кога за прав пат решиве да дизајнирате автомобили?

СМ: Доста добро прашање. Се потсетувам, бев доста мал. Отсекогаш ме интересирале автомобилите, татко ми од мали нозе ме водеше по трки, дури и на формула 1. По некое време во училиште се замислив зошто да не станам архитект. Но кога подобро размислив, сфатив дека за тоа ќе ми требаат осум години универзитетско образование. Тоа ме одврати малку од идејата токму во моментот кога учествував на конкурс со еден школски пријател за цртеж на автомобил и победивме. Тогаш решив дека ќе станам автомобилски дизајнер и никогаш после тоа не зажалив за таа одлука.

ПМ: Главниот конструктор на AvtoVAZ има одлични оценки за вашата заедничка работа. Според вас каков треба да биде современиот главен дизајнер – инаетлив или способен за компромиси?

СМ: Многу сум тврд и настојчив. Но не го правам тоа заради производот, за компанијата. Мислам дека имам сериозна предност во работа во AvtoVAZ – 30 години искуство во автомобилскиот дизајн со најдобрите марки во светот, како Mercedes и Volvo и знам што е можно во развојот а што не. Мојата работа е да дадам предлог базиран на моето искуство. Мислам дека сум направил многу добри решенија на сите нивоа во компанијата. И ако останувам цврсто на своето, тоа е заради подобрување на производот.

ИС: Уште малку за вашата личност. Кој беше вашиот прв автомобил и каков автомобил би сакале да имате?

СМ: Не би сакал да ви го откријам мојот прв автомобил во животот. Понекогаш имате добри спомени, понекогаш лоши – не беше тоа автомобил кој сам сум го купил, туку тоа беше Ford што ми го даде пријател на татко ми пред да полагам возачки испит. Зборувајќи за иднината, за мене како дизајнер е многу компликувано да се избере автомобил – тоа е многу тешко заради присуството на бројни суперѕвезди. Има и многу убави класични автомобили. Започнав да си правам автомобилска колекција на времето кога работев за Mercedes и се обидов да го имам секој автомобил на кој сум работел. Првиот беше првата А-класа, после тоа C-класата, а наредните ми го надминаа буџетот, најмногу затоа што работев на многу проекти. Мислам дека автомобилот што навистина би сакал да го имам сé уште е во мојата глава. Работејќи за три различни марки многу сум горд со тоа што сум го направил, посебно со ова што го направив за Lada и денес гордо ја возам својата Vesta Cross.

ПМ: Сметате ли дека работата со Lada е врв на вашата кариера? И како ја гледате нејзината гама во наредните пет години? ИС: Мислите ли дека некогаш Lada ќе го покрие целиот спектар на автомобилскиот пазар – од евтини автомобили до суперлуксузното ниво?

СМ: Мислам дека на тоа прашање треба да се пријде од друга страна. Работам седум години за Lada, од времето кога во основа портфолиото беше од корен различно од ова што го имаме денес. Ги запазивме пазарните сегменти на моделите, но лансиравме многу нови модели – Vesta, Vesta Cross, новата Granta, X-Ray. А токму тие денес ни носат успех. Треба да се запази основното јадро на масата клиенти и во исто време да покажеме потенцијал за раст на марката. Тоа не се случува за еден ден и тоа што го направивме досега е само првиот чекор. И ако се навратам на нешто што го кажав порано, важно е да се спомене дека е лесно да нацрташ премиум или спортски автомобил, зашто немаш многу ограничувања. Но за да се создаде привлечен и во исто време достапен автомобил сосема не е лесно. Напротив, тоа е многу сложена задача. Зборувам за автомобили со цена од околу 10.000 евра. Таа финансиска бариера не е ниту старт за другите марки. Сложеноста на задачата е да се создаде привлечен модел, но многу подостапен од тоа што го нудат другите марки, да им понудиме на купувачите привлечен дизајн, но по достапна цена.

ИС: Имате ли некаков слоган? Марк Адамс на пример ја лансира идејата за скулптурна артистичност со германска прецизност…

СМ: Не сум размислувал за тоа досега, но во право сте – може е време за тоа. Знам дека не е добро да си мислиш дека си го постигнал најдоброто и после тоа да правиш компромиси. Важно е да се оди напред. Важно е да се знае каде може да се направи компромис, а каде не. Кога има премногу компромиси, и производот е таков. Во мојата работа треба да се биде јасен и искрен.

ПМ: Видов како дилерите ги прифаќаат новите модели, особено концептот 4×4. Тоа беше навистина сензација, но сите го нарекуваат нова генерација на Niva. А Niva постои, но како Chevrolet. Се работи ли само за дизајн? Нели е интересно да се видат овие два автомобила еден спроти друг? Како треба да им се разделат патиштата?

СМ: Не знам што ќе стане со Chevrolet Niva, тие покажаа пред неколку години концепт. Мојата задача е да правам Лади. Ако погледнете каква е ситуацијата на Lada во светот ќе видите дека моделот 4×4 има огромна репутација, не само во Русија. Тоа е основата на која треба да одново да создадам силен модел.

ПМ: Ќе ја видиме ли ознаката 4×4 на секој SUV или теренец и можеби ли во иднина би требало да се најде посоодветно име за моделот место тоа?

СМ: Претставувањето на концепт е само едно видување каков треба да изгледа моделот 4×4 во иднина. Но тој не е единствен, туку само еден од неколкуте на кои работам.

ИС: Што ве натера да преминете од работа во луксузни марки на буџетното ниво на Lada? Задоволен ли сте од изборот?

СМ: Да ви раскажам како се случи. Отидов во Mercedes директно од универзитет. Следеа неколку тешки години, дојде успехот, моделите започнаа да се произведуваат и не мислев дека некогаш ќе ја напуштам компанијата. Тогаш се сретнав со Џеј Мејс, поранешниот главен дизајнер на Ford кој во тоа време беше сопственик на Volvo. Тој ми предложи да станам дизајн директор на Volvo. Тогаш имав 40 години, возраст за која многумина сметаат дека животот тогаш започнува. Имав сериозна внатрешна дискусија дали да отидам или да останам. Истото се случи и во 2011-та со преоѓањето во Lada. Првата мисла му беше „зошто?!“ Не знаев скоро ништо за марката, туку само за моделот Niva. Дотогаш бев отишол само еднаш во Русија, на салонот за автомобили. На запад се знае многу малку за Русија. Ми се јавија и од раководството на AvtoVAZ и од Renault и се покажаа многу убедливи. Направивме доста средби и увидов големи предности за новото место. За разлика од преминувањето во Volvo, тоа во Lada беше многу различно – целосен почеток од бел лист хартија. Во животот не можеш да имаш подобра можност за полна слобода, за откривање на една нова култура, нови луѓе, нови хоризонти. Тоа беше суперпривлечна можност и денес ги гледате резултатите. Lada е меѓу малкуте марки што успеаја да направат огромни промени за многу кратки рокови.

ПМ: Џуџаро еднаш кажа дека техничкиот центар на AvtoVAZ е „замок во пустина“. Вистина ли е тоа?

СМ: Создавањето на центарот во Москва веројатно се случи затоа што сакавме да излеземе од тој „замок“. На крај, не сме многу луѓе и кога ќе помислам што уште треба да направиме, нештата не изгледаат лесни. Во Русија не е целосно развиена автомобилската автоструктура и ние треба многу што да направиме сами.

ИС: Да се вратиме на дизајнот. Сега е тенденција кај водечките производители буквално да ја изедначуваат „физиономијата“ на моделите во различни пазарни класи. Нема ли да се случи нешто слично со вашиот интересен X-стил? Како ќе ги разграничите моделите во гамата?

СМ: Тоа е многу важно. Кога дојдов во Lada немаше визуелна идентичност во гамата. Сите модели – таканаречената класична Lada, Granta и другите, не оддаваа претстава дека припаѓаат на една иста марка. Ако пак ја погледнете сегашната гама, таа има корпоративен имиџ бидејќи еден производ влијае на целата гама. Имено, заради тоа е многу важен корпоративниот идентитет. Денес имаме силни и уникатни гени. Надворешниот изглед е многу важен, нашите гени не се само надвор, тие се среќаваат насекаде. Сепак, секој модел е направен на различен начин, со различни размери, пропорции, агли, позаоблен или порелјефен. И сето тоа е дел од стратегијата што треба да за се зацврсти марката. И ако некој купува Granta а во неа гледа Vesta, односно автомобил од погорната класа, секако му е пријатно. Успешната марка не се променува за една ноќ. Ве уверувам дека со нашиот дизајн никогаш нема да имаме недостиг на идеи. Ѕидовите во московското студио се прекриени со различни интерпретации на X-графиката во нашиот стил.

ПМ: Што е со традициите на Lada кои применивте во работата?

СМ: Задачата денес ми е да се оддалечиме од традициите. Тоа е предизвик што си го поставив. Ако се потчинувате на традициите никогаш нема да се промените. Треба да се промени квалитетот на дизајнот, безбедноста, да се свртиме кон нови клиенти. Јас самиот не сум традиционален човек, така што промените се веќе тука. Задачата е да создадеме привлечни производи, Lada да стане силна марка и Русите да се гордеат со неа.

 

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER