Алијанса за електрична иднина
Германската компанија за изнајмување на возила објави дека во следната година за своите потреби ќе купи 100.000 БЕВ од кинескиот производител BYD, кој е патем речено, најголем светски производител на возила што користат „нова енергија“. Првата фаза ќе започне во следните седмици кога треба да бидат испорачани неколку илјади вакви возила наменети за корисниците на услугите во Германија, Франција, Холандија и Обединетото Кралство и со тоа Sixt станува првата европска компанија за изнајмување на возила што ќе понуди возила од BYD. Мразот ќе го скрши потполно електричниот BYD ATTO 3, кросовер од компактната класа. Двете компании ќе ги разгледуваат можностите за соработка во други региони на планетава. Плановите на Sixt се флотата да ја сочинуваат 70-90 отсто електрифицирани возила до 2030 година, а компанијата работи на формирање на сопствена инфраструктура за полнење на возилата. За тоа добра основа дава досегашното вмрежување во платформата ONE преку која се достапни стотици илјади јавни полначи.