Continental Winter Contact 850P

Релаксирано патување наместо неизвесна авантура

Само неколку дена по монтирањето на зимските пневматици на Opel Insignia која е на годишен тест во нашата редакција, добивме шанса да ги испробаме во услови за кои се наменети
Објавено на 19 ноември 2018 година

Нашиот избор се Continental Winter Contact 850P во димензија 245/45 R 18, истата онаа како кај летните пневматици. За важноста за употреба на адекватни пневматици за метеролошките услови е пишувано на долго и широко но вреди да се потсетиме на неколку факти. Прво и основно за зимските пневматици е дека тие се произведуваат со смеша која го задржува еластичноста на ниски температури (од 7 степени Целзиусови па надолу) што е од пресудна важност за припојувањето на шарата со подлогата. Дизајнот на ламелите е засилен со канали кои се конструирани за испумпување на водата и исфрлање на снегот од шарата, со што се минимизира ризикот од аквапланинг (воден клин) или пак лепење на снегот по должина на нагазната површина на пневматикот што влијае на управливоста, а со тоа на безбедноста.

 Continental Winter Contact 850P Идиличната зимска атмосфера е кошмар за возачите…

Овие два факти ги потврдивме во текот на викендот во кого добро ги „разгазивме“ нашите 850-ки. Во извозени повеќе од 400 километри ги доживеавме повеќето зимски сценарија. Во саботата бевме на фестивалот на „Младо вино“ организирано од најстарата и најголема винарска визба на Балканот. До Тиквеш и назад до Скопје возевме по суви коловози и температура од околу шест степени Целзиусови. Освен што е забележителен зголемениот комфор при возењето во однос на летните пневматици ми се допадна управливоста и пренесувањето на забрзувањата на асфалтот. Атмосферата во винарската визба Тиквеш моите сопатници многукратно ја интезивираа со аромата на младите вина кои наговестуваат дека следната година ќе биде одлична за домаќините. Поради обврската за возење јас само успеав да уживам во мирисите. Враќањето во Скопје по сувите патишта беше рутински и без никакви изненадувања при брзини малку поголеми од пропишаните. За пофалба беше и тивкоста со што не може да се пофалат повеќето зимски пневматици.

 Continental Winter Contact 850P …но не и за оние со адекватни зимски пневматици

Последниот ден од викендот беше далеку поидиличен. Упатен кон Маврово очекував да ги доживеам возбудувањата типични за возење по првиот снег. До Гостивар поради дождот подлогата беше мокра, а поради „квалитетот“ на нашите патишта имаше многу ударни дупки и бразди во асфалтот замаскирани со вода. Тука се почувствува Continental Winter Contact 850P како одлично решение. Ниту во најдлабоките бразди исполнети со вода не се јавуваа симптоми на аквапланинг, а единствена грижа ми беше со која брзина да ги ангажирам бришачите на ветробранското стакло. Веќе од одвојувањето кон Маврово можев да ги почувствувам благодетите на смешата од која се направени пневматиците, бидејќи термометарот ја покажуваше нулата. По коловозот имаше остатоци од штотуку напаѓан и раскашавен снег и еден куп возила што се движеа со мала брзина поради летните пневматици. Состојбата на патот не беше да се ставаат синџири но исто така далеку од поволна за возила со летни гуми. По проверката на подлогата со неколку нагли маневри и кочења добив јасна слика за состојбата на патот па почнав да ги поминувам „влечковците“. Подлогата прекриена со тенок слој на снег во ниту еден момент не ја доведе во искушение стабилноста, прецизноста во управувањето и преносот на силата на погонските тркала. Мене ми остана само да уживам во идиличните пејзажи накитени со снег.

 Continental Winter Contact 850P

 Continental Winter Contact 850P Continental Winter Contact 850P нѝ овозможија без проблем да се справиме и со кашавиот, и со неразгазениот снег

И стигнав до ултимативниот тест. Нагорнина покриена со снег чиј нагиб во горниот дел е поголем од 15%! Во подножјето ја разгледав дилемата дали да се обидам да ја искачам или да одам пеш… Сепак се одлучив за возење и воопшто не се покајав. На мое огромно задоволство ја искачив проблематичната нагорнина без никаков проблем. По завршените домашни обврски единствена грижа ми беше спуштањето надолу по тој ист нагиб од 15-тина проценти. Грижите беа неоправдани, но претпазливоста никогаш не пречи. Полека и сигурно се спуштив до патот чија снежна прекривка ме следеше до Полог. Потоа повторно вода и маскирани бразди и дупки. И уште една пофалба за тивкоста на „850-ките“ на влажен и снежен коловоз.

Така, очекувајќи авантура на снег, го доживеав спротивното чувство. Наместо возбуда и неизвесност, зад управувачот се чувствував безбедно и супериорно во однос на возачите кои на возилата имаа летни обувки.

клучни зборови: занимливости, Continental

Гледај, слушај, уживај

  • Авто Магазин

    Сезона 23 Епизода 9

    повеќе

Видео на денот

  • BMW X7

    Ново ниво баварски луксуз

    повеќе

Цени на горивата

еуросупер 95 61,50
еуросупер 98 63,50
еуродизел Д5 58,50
биодизел Б6 59,00
течен нафтен гас 32,00
метан 39,50

Фото галерии

  • AutoBest 2019 Final Test

    Ваирано, Милано

    повеќе