Ѕвезда водилка
Новата генерација на Astra беше најавена скромно. Како да се чекаа нејзините први официјални возења за да се расчуе грмотевицата со која настапува!
објавено 23. февруари 2022 година
Патот од загубар до постојан раст на производството и профитот Opel го изоде секавично. Групацијата РЅА му ги отвори вратите кон подвозјата и моторизацијата, а инженерингот и дизајнот останаа потполно автономни. Се случи вистинска алхемија и Пепелашка конечно си го добива заслуженото место на дворот.
Што е Astra?
Осмата Astra ја користи ЕМР2 платформата од најновата трета генерација. Сосема природно ги дели механичките решенија и контурата со Peugeot 308, но интерпретацијата е изворна. Дизајнирана во согласност со новиот изглед наречен Vizor оформува монолитно склопена предница врамена со потполно LED осветлување. Возачката панорама ја предводи извонредниот Pure Panel со одлична графика и висока конективност. Поради растегнувањето на основата профитира внатрешноста на чија ергономија се вклопува удобноста на задната клупа. Изборот на два бензинци, еден дизел и плаг-ин хибрид со две верзии на сила е ударната доза на која идната година ќе се приклучи целосно електричната изведба. Наскоро доаѓа и караванската Sports Tourer верзија. Ова се аргументите со кои руселсхајмската дружина очекува својата ѕвезда да ја врати во орбитата.
На прв поглед…
Хммм… Да… Аха… Ова е новата Astra. Самоуверена, цврста, монолитна и атлетски поткована. Дискретно се наметнува и мами погледи, а со секој нешто ново се открива. Веднаш вниманието го привлекува предницата чија дефиниција е кратка и јасна. Едноставната маска гордо го носи знакот на Opel, а зад него се скриени сензорите и камерите неопходни да функционираат системите за асистенција. Фаровите наоружани со Intellilux LED светла ја дефинираат предницата подржани со ниско поставените вертикални вцицувачи за воздух.
Хаубата е поделена на идеална половина по должина со гребен кој завршува преку покривната антена до третото стоп светло. Заедно со светлосните групи убаво го заокружуваат задниот дел. Со употребата на новата платформа зголемено е меѓуоскиното растојание за 13 и сега изнесува 2.675 милиметри што дава добра основа за просторноста во внатрешноста. Таа е грижливо направена со материјали типични за класата. Сите површини што се во видокруг и на допир на рака се сочинети од гумирана пластика, скулптуралните форми се флуидно склопени и формираат одлична атмосфера. Дури и на задните седишта сега има повеќе простор во сите смерови. Кога сме кај седиштата предните се издвојуваат со своите дотерувања преку кои возачот лесно си ја наоѓа идеалната позиција.
Од неа се пружа погледот на Pure Panel, два споени 12,3 инчни дисплеи. Едниот е задолжен за отчитување на податоците од возилото додека централниот е наменет за конективните технологии. Поради минимизирање на останатите прекинувачи, а нив ги има уште на централниот гребен за менувачот, амбиентот е во духот на високата технологија. Поврзувањето со автомобилот може да се направи преку Android и Apple оперативните системи, па употребата е лесна, интуитивна а голем напредок е направен во препознавањето и користењето на гласовните команди. Кога се сместив во мојата позиција на седење се стопив со внатрешноста. Самото затворање на вратите дава до знаење дека се наоѓате во сериозен автомобил, седиштето одлично го прифаќа телото додека возачот добива впечаток дека е во прегратка со автомобилот. Постојат вкупно осум амбиенти за дотерување на кабината и приказите на мониторите што одлично се вклопува во технолошкиот амбиент. Особено се истакнува грижата за квалитетот на воздухот во кабината преку Intelli Air, систем што постојано го мониторира квалитетот и менувањето на воздухот.
Да почнеме од цилиндрите…
Ова се повеќе од добри предуслови за поминување безгрижно на многу километри. На избор е целата палета на моторизација што се нуди кај руселсхајмската ѕвезда. За рационалните возачи предвиден е бензинскиот 1,2 литрен мотор распространет во многу модели. Неговите три цилиндри засилени со турбо полнач испорачуваат 110 и 130 коњи. Изборот падна на посилната изведба со шест степен мануелен менувач, верзија која би била најпопуларна кај нас. Веќе од самиот старт јасно е дека моторот лесно ја врши својата работа, забрзувањата што ги обезбедува се задоволителни, спринтот до стотка го заокружува под 10 секунди и не дига голема галама. Иако ја дели основата и техниката со Peugeot 308, Astra успеа да го задржи својот идентитет со чувството на робусност и цврстина. Тоа е постигнато со различни подесувања на потпирањето, управувањето и амортизацијата па е истакнат германскиот ген. Она што се наметнува е лесното и еластично работење во одлична спрега со мануелниот менувач. Тој овозможува латентно однесување и лесно темпо во било кој пренос. Особено е еластичен во повисоките преноси во кои можете да се движите со мала брзина и полека да забрзувате. Дури и меѓу забрзувањата се одвиваат во посакувана динамика па во преден план доаѓа просечната потрошувачка од 5,7 литри. Иако не најдов сериозни замерки на бензинецот, цело време работеше „Македонецот“ во мене. Едвај дочекав да се сместам во дизелската изведба. Таа е поскапа, но сепак омилена кај нас. Има и зошто. Традиционалната штедливост и пониската цена на дизел горивото се главните аргументи за дизелите. Сепак, не се само тие.
Пригушениот звук на моторот како да го буди адреналинот. Тој сосема малку пробива во кабината, но сепак јавува дека е присутен. Тоа се должи на зголемената звучна изолација применета во предниот дел од кабината, на подвозјето и прозорците кои имаат посебен слој на фолија која ја намалува бучавата. Рутите за возење изобилуваа со свиоци. Балансираното потпирање заедно со прецизното управување даваат одлична интеракција со возилото па возачот буквално ужива во секој изминат километар. Функционирањето на електронските асистенти е безпрекорно, па останува само да одлучите во каков стил ќе возите. Со своите 130 коњи и осум степениот автоматски менувач Astra ми приреди извонредно изненадување.
Моите возачки страсти ги задоволив низ свиоците во кои беспрекорно се однесуваше потпирањето и функционирањето на моторот и менувачот. Оптеретувањата каросеријата лесно ги префрла, па се добива чувство дека сте на шини. Кога го цедите моторот пробива резонантен звук кој е пригушен и достава зачин на целото искуство. Да се вратам на изненадувањето кое се испиша на борд компјутерот. Не само што се забавував и ги цедев можностите на дизелската верзија, таа покажа неверојатни 4,3 литри просечна потрошувачка. Капата долу!
Врвот на понудата на новата Astra е плаг-ин хибридната верзија.
На првите тест возења во Португалија беше понудена послабата изведба од 180 коњи системска сила. Посилната од 225 КС во понудата ќе се приклучи, најверојатно заедно со караванската каросерија. 1,6-литарскиот бензинец во комбинација со електричен мотор работи култивирано и погонува со леснотија. Самиот тој испорачува 150 КС додека електро-моторот што се напојува од 12,4 kWh батерија развива 80 kW. Оваа синергија силата ја растега преку стандардниот осумстепен автоматски менувач чија реакција е брза балансирајќи со леснотија помеѓу перформансите и економичноста. Благодарение на добрата звучна изолација автомобилот останува исклучително тивок дури и при голема брзина. Astra Plug-In Hybrid, како што официјално се нарекува, декларирана e дека треба да троши само 2,4 литри бензин во просек според стандардот WLTP.
Со овој систем се имам сретнато пред некој месец, кога го имав првото рандеву со Peugeot 308. Не почуствував никаква разлика во однесувањето кај германската верзија. Литиум-јонската батеријата е способна да испорача над 50 километри возење со нулта емисија. Тоа и го направив во последната ротација кон Лисабонскиот аеродром. На струја може да се движите до брзина од 130 км/ч. Сабајлечкиот метеж знае да биде фрустрирачки, но амбиентот во кабината дава зен момент. Надворешната бучава е минимална, електричниот погон мазно го движи автомобилот, а приказот на Pure Panel поставката јасен и прецизен. Често во сообраќајниот метеж на автопатот што водеше кон Лисабон до израз дојдоа електронските асистенти кои во голема мерка го надополнуваат невниманието и овозможуваа релаксирано да ги поминам стресните гужви. Кога батеријата ќе се исцрпи потребни и се три и пол часа за полнење, а со помоќниот опционален полнач времето се скратува на нешто помалку од два часа.
Заклучок
Новата Astra е пример за компактната класа, која, покрај многуте предизвици, подготвена е да одговори на нив. Најверојатно групацијата Stellаntis успеава да жонглира со набавката на чипови, па отвора нова перспектива. Руселсхајмската ѕвезда повторно сјае со полн сјај. Монолитниот дизајн проткаен со филигранските светла, врвната ергономија, скулптуралниот интериер со висока доза на конективност и графика престојот во кабината го крева на повисоко ниво. Најмногу ме радува задржаната персоналност која е добар пример за германскиот инженеринг. Прецизното управување и цврстото потпирање сé уште им даваат предност на динамичките својства подржани од добро одмерени мотори. Наведените атрибути се доволни да се замижи пред не доволниот простор за колената на задната клупа, површините со пијано завршница кои секогаш се замачкани и отсуството на хед-ап дисплејот во било која изведба. На нашиот пазар Opel Astra треба да пристигне во средината на јули кога ќе бидат познати цените.