Peugeot Rifter

Повеќе отколку ново име

Новиот Rifter имаше прилика да докаже дека не е само ново име
Објавено на 3 декември 2018 година
автор: Зоран Коцев

Кога Peugeot ги објави првите информации за новиот Rifter бевме зачудени зошто се откажува од името Partner. Добро етаблирано, тоа само по себе значеше доверба во производот што се купува, без разлика на неговата верзија. Но Французите сметаа дека тоа не е доволно и патничката изведба на Partner во оваа генерација ја насочија во нова насока. Целосно ја издвоија од останатата гама и oпремувајќи ја со сé што имаат класичните автомобили, нé убедуваа дека Rifter e повеќе отколку ново име. Можноста сами да се увериме колку има вистина во тоа ја имавме минатиот викенд, кога Еуроимпекс нé повика на кратко тест возење низ Македонија.

Повеќе карактеристики го диференцираат Rifter од Partner, межу нив и цената од 17.990 евра за најевтината верзија

На располагање ни беа две дизел изведби на Rifter. Првата беше со 100 коњски сили, 5-степен менувач и Active пакет на опременост (18.990 евра), а втората со 130 коњи, 8-степена автоматика и GT Line ниво на опрема (26.390 евра). Пред тргнување се запознавме со разликите од Partner Teppe. Меѓу нив се издвојуваат електронските асистенти кои ги има точно 19. Најатрактивни се Grip Control системот и адаптивниот темпомат кој може целосно да го запре возилото доколку тоа е опремено со автоматски менувач. Внимание привлекува и модерниот i-Cockpit, а на возачите ќе им се допаднат и електричната рачна сопирачка и Keyless entry системот. Значајно влијание за подобрување на безбедноста имаат камерите за возење наназад и електронската стабилизација на приколката. Она што е задржано од претходникот не треба да го елаборираме - Peugeot Partner отсекогаш имал значајно ниво на практичност и мултифункционалност.

Возењето на автопат со новиот Rifter е автомобилско

Во друштво на поголемиот Traveller во Business VIP издание, краткиот караван се упати кон колевката на Мијаците во Долнореканскиот крај. Каков е патот натаму сите добро знаеме. Во друга прилика можеби ќе го критикуваме, но сега се покажа идеален новиот Rifter да може да го покаже однесувањето во сите услови. За возењето на автопат ќе кажевме дека е сосема очекувано да не бевме изненадени од мала бучава. Подобрувањето на комфорот во возењето го почувствувавме веднаш кога преминавме на лошиот асфалт во околината на Маврово. Влажниот коловоз и минусните температури ни кажуваа дека треба да внимававме, посебно затоа што возилата имаа летни пневматици. Ова обично ќе беше предмет на критика од наша страна, но во овој случај ни овозможи подобро да ги почувствувавме придобивките од електронските асистенти. Системите работат толку меко што да не трепкаа сијаличките на инструмент-таблата, немаше ни да знаеме.

Во внатрешноста не само што се задржани, туку бројните практични решенија од претходникот Partner Teppe се надградени на ново ниво

Како и многу што во Македонија, времето ни приреди изненадување веднаш откако го поминавме Мавровското Езеро. Од снегот немаше ниту трага, а сувиот и кривулест асфалт нé предизвика на побрзо возење. Посебно на враќање кога возевме на угорница, каде замерките околу силината на послабиот од двата дизела стануваа поизразени. Но затоа 8-степениот автоматик одлично го надополнуваше посилниот агрегат од 130 коњи. Кој сака може да го добие Rifter и со 1,2 литарски бензински мотори со 110 и 130 коњски сили, кои секако се поадекватни за подинамично возење. Економично настроените пак, ќе се определат за скромниот 75- коњски дизел. Но без разлика на агрегатот, на сите нив заедничка им е умната функционалност која просто зрачи од секое ќоше на овој модел. Peugeot наведува дека бројните прегради во внатрешноста на располагање на патниците им ставаат вкупно 186 литри простор. Верзијата со 5 седишта има багажник од 775 литри, а на кој ова му е малку може да го добие Rifter во изведба продолжена за 35 сантиметри.

Како заклучок ќе кажеме дека Peugeot Rifter е атрактивен наследник на Partner Tepee. Кај него сега мултифункционалноста е надградена со ново ниво на комфор во патувањата и кросоверски особини. Целокупно гледано, Rifter е добро спакуван автомобил кој своето ново име го оправдува со нови карактеристики во поглед на комфорот, употребливоста и безбедноста. Надградувајќи се на економичноста, пространоста и робусноста на претходникот, со нив Rifter тежнее да постави нови стандарди во класата што своевремено ја основаше.

На нашето патување со Peugeot Rifter до Долнореканскиот регион нé придружуваше поголемиот Traveller во Business VIP издание

клучни зборови: возевме, Peugeot Rifter

Гледај, слушај, уживај

  • Авто Магазин

    Сезона 23 Епизода 9

    повеќе

Видео на денот

  • BMW X7

    Ново ниво баварски луксуз

    повеќе

Цени на горивата

еуросупер 95 61,50
еуросупер 98 63,50
еуродизел Д5 58,50
биодизел Б6 59,00
течен нафтен гас 32,00
метан 39,50

Фото галерии

  • AutoBest 2019 Final Test

    Ваирано, Милано

    повеќе