Porsche Road Tour 2019

насловна

Поезија, класика или рокенрол

Со самото споменување на настан во чиј назив се содржи зборот Porsche, адреналинот се крева до крајни граници, посебно ако тој се одвива кај нас, во Македонија

објавено на 15 мај 2019 година
aвтор: Зоран Коцев

Бевме присутни на скоро сите настани во организација на Porsche досега, но овој ни привлече посебно внимание. Најмногу заради рутата, која нé водеше од Скопје до Галичник. Невообичаениот избор само навидум беше таков бидејќи ни овозможи да се запознаеме со својствата на целата гама на Porsche на сите видови патишта, на секаков асфалт. Под строгото око на инструкторот од Велика Британија, патувањето го започнавме со најмаркантниот модел – големата Panamera. И тоа не со било која, туку со Turbo S E хибридната изведба. Нејзиниот електромотор од 136 коњи бесшумно и 100% еколошки нé извлече од градските улици на автопатските широчини, каде на сцена стапи 4-литарскиот твин-турбо V8 агрегат. Не ги штедевме километрите на час, но не можевме ни оддалеку да се доближиме до максималните можности на нивните заеднички 680 коњски сили. Затоа се препуштивме на уживање во возењето, кое 5-метарската лимузина несебично го овозможува. Чепкавме малку и со сетинзите на возило, колку да ја видиме разликата. А таа верувајте навистина се забележува, и тоа веднаш. Она што не го забележавме е како бргу ни помина времето во возењето до Тетово, каде ја отстапивме на нашите колеги.

Поезија: Porsche Panamera

 

 

 

Класика: Легендата 911

Не бевме воопшто разочарани, затоа што според однапред одредениот план за возење во наредните километри за нас беа резервирани две верзии на легендата 911. Првата беше во основната Carrera S изведба, а втората во повеќе посакуваната 4S варијанта. Во своето ново издание и двете нé воодушевија, но за нив нема да зборуваме сега бидејќи за блиска иднина ви подготвуваме посебно изненадување. Затоа директно ќе се префрлиме на најмалите членови на семејството на Porsche, моделите 718 Cayman и Boxter. Иако познати веќе три години, да нé оставите за нив ќе зборуваме до утре наутро. Делницата околу Маврово по која ги возевме нѝ се погоди. Таа во целост одговараше на нивните способности, а одличното време нé предизвика и да го спуштиме покривот на Boxter. Во таков амбиент имавме доволно време да ги комплетираме впечатоците за нив, дури и оние за перформансите. За жал бидејќи возевме во колона еден зад друг не можевме целосно да ги почувствуваме, но моментите што ги украдовме ни покажаа дека двете мали ѕверки на Porsche достојно го носат наследството на марката.

Посебно Boxter кој беше во GTS изведбата, кој во согласност со отворената каросерија ни покажа дека возењето со него може да биде и грациозно. За секоја пофалба е хармонијата што инженерите на Porsche ја имаат постигнато меѓу динамиката при остри реакции на свиоците накај Галичник и глаткоста со која се движеше на ретките парчиња мазен асфалт околу Мавровското езеро. Пргавоста на неговите 365 коњи не ја засени ниту бучавата од ветрот околу ушите. Тие едноставно беа подготвени за галоп во секој момент, исто како и оние кај Cayman T. Тој ги има вкупно 300 на број, но целокупното опкружување во возило прави да изгледаат повеќе. Акцентите ставени на спортското чувство сé насекаде околу вас. Деталите како што се црвените инструменти и платнените каивчиња место рачки на вратите во иста боја создаваат амбиент дека се наоѓате во болид подготвен за постигнување спортски рекорди. Звукот на моторот провокативно се одбива од купе каросеријата која ви дава чувство како да е обвиткана околу вас. Иако со своите 275 километри на час со исклучок на Macan беше најбавен во штутгартската колона, таквата атмосфера правеше да изгледа побрз од сите.

 

 

 

Рокенрол: 718 Cayman и Boxter

За разлика од него, Cayenne Turbo навистина беше брз. Но она што повеќе се цени кај едно вакво возило се способностите со кои располага. Иако ги има не мислиме на теренските можности, туку на сé она што ни овозможува максимум релаксирано и безбедно возење на автопат. Списокот опрема е долг и на него има сé што човек може да посака – од head-up дисплејот до инфра-црвената камера за побезбедно возење ноќе. Сите сигурносни системи се подразбираат, како и додатоците кои го подигнуваат значењето на зборот комфор на едно поинакво ниво. Впрочем тоа и не треба да чуди, бидејќи тој беше и најскап од сите седум возила со амблемот на Porsche кои ни беа на располагање. Колку точно ќе чини зависи од вашите лични желби, кои доколку се одлучите за него ќе бидат ставени на сериозен испит при изборот. Исто како да ве прашаат што сакате повеќе – поезија, класика или рокенрол.