Малото мускетарче
Можеби е мало, но мускетарчето на Peugeot има остар меч
Објавено на 24 јуни 2017 година
автор: Зоран Коцев
Кога се појави во 2013-та, кросовер првенчето на Peugeot не се сфати сериозно. На него се гледаше како на (уште) еден експеримент на француската марка во потрага по своето место во SUV сегментот. Но пазарот, посебно домашниот, реагираше позитивно. Дури и повеќе отколку што најголемите оптимисти очекуваа – првобитните планови на Peugeot беа производство на 5.000 возила месечно, но за помалку од една година се продадоа сто илјади примероци од него. Тоа беше повеќе од добар сигнал дека формулата е успешна. Затоа и не се чекаше многу за неговиот редизајн, посебно бидејќи во меѓувреме конкуренцијата значително се заостри.
Еден поглед на преработената каросерија на 2008 е доволен да се заклучи дека дизајнерите на Peugeot доста научиле за првите три години од неговото постење
Како прв ваков модел на Peugeot направен со сопствени сили, 2008 имаше премногу внимателно обликувани линии и повеќе беше повишен караван отколку мал кросовер. Сега веќе не е така – високите бокови добија поостри облини, а предниот дел маска со поагресивен дизајн. Наново обработените детали на целата појава и додадоа поавантуристички изглед, чија атрактивност сега навистина е комплетна во духот на малите кросовери. Дизајнерските елементи позајмени од поголемите вакви возила му даваат посериозен третман од страна на купувачите кои сепак повеќе ќе ги ценат практичноста на внатрешноста и компактноста на надворешните димензии. Имено, во последно време како да се заборава на гужвите кои владеат низ европските метрополиси каде должината на возилата е поважна од сé друго. Париз, на пример, е еден од градовите каде паркирањето преку ноќ е браник до браник и каде на секој сантиметар вишок се гледа како на недостаток. Со своите 4,16 метри 2008 е на границата да биде прогласен за „гломазен“ во такви услови. Вештото искористување на наведената должина од страна на дизајнерите на Peugeot е резултат на долгодецениското искуство што го имаат. Многу промени во внатрешноста нема – таа и понатаму е онаа познатата, со положба на малиот управувач која наложува погледот кон инструмент таблата да оди преку него. Може да бидете воодушевени од тоа, може и да се мрштите на ваквото решение но факт е дека по кратко време човек се привикнува до толку што после тоа седењето во други возила му изгледа чудно. Дека ова е поергономично решение (рамењата се поспуштени, а погледот помалку „шета“) не треба да повторуваме. За разлика од тоа, не ни е јасно зошто рачната сопирачка мора да има таков чуден облик.
Во согласност со очекуваното, теренските својства на 2008 без Grip Control системот се лимитирани
За да успее, еден кросовер денес не мора да има off-road способности туку само треба да изгледа таков. Оваа нелогична логика посебно важи во субкомпактната класа, чии купувачи главно се урбано настроени. Повисокото растојание од подлогата е сосема доволно за задоволување на нивните викенд амбиции. Малиот 2008 во целост е направен во овој дух. Жалиме што во Peugeot мислат дека повеќе и не му треба, па Grip Control системот е ограничено достапен во зависност од моторот и пакетот опрема, дури и како опција. Неговото отсуство делумно е компензирано со кратките први два степена на пренос, кои во комбинација со малиот 1,2 литарски турбо бензинец со 110 коњи каков што имаше возилото што на тест го добивме од застапникот за Peugeot за регионов, Еуроимпекс од Скопје, на 2008 му даваат сериозна доза енергичност. Дури и повеќе отколку што треба, бидејќи заради лесниот преден дел при малку поголем притисок на педалата за гас тркалата прво ќе се свртат малку во празно пред возилото да тргне. Спротивно на нашите предубедувања, на овој погонски агрегат навистина не му треба шестстепен менувач. Петте степени одлично ги покриваат сите режими на работа, со еден исклучок – возењето на автопат со брзини поголеми од легалните, кога моторот е неубедлив а бучавата ја надгласува онаа од ветрот и пневматиците. Возењето со крстаречки 120-130 километри на час сепак е лесно. Лесен е и задниот дел кој со минимални потези се смирува кога ќе пролизгува при брзо поминување низ свиоците. Но затоа е со правилен облик и во него собира скоро 1.200 литри багаж со спуштени седишта, идеално за споменатите викенд амбиции на урбаните генерации купувачи.
И функционалноста на практично непроменетиот ентериер е силна страна на Peugeot 2008
Како и да е, факт е дека 2008 е направен по мерка на купувачите со активен животен стил. Трицилиндричниот PureTech агрегат со 110 коњи во целост се вклопува во таа слика. Тие пак ќе жалат за i-Cockpit ентериерот од 3008, попат изнесувајќи и мали забелешки околу комфорната електроника со која доаѓаат пониските пакети опрема. Потрадиционално настроените ќе додадат и дека дизел верзиите се премногу скапи.
основни податоци Peugeot 2008 1.2 PureTech 110 | |
мотор: | 3 цилиндри, 4 вентили по цилиндар, директно вбризгување на горивото, турбо компресор, 1.199 cm³, 110 KS при 5.500 min-1, 205 Nm при 1.750 min-1 |
трансмисија: | мануелен менувач со 5 степени, погон на предните тркала, пневматици со димензии 195/60 R16 |
каросерија: | кросовер со 5 врати, 5 седишта, 4.159×1.739×1.556 mm, меѓуоскино растојание 2.537 mm, тежина 1.090 kg, максимална тежина: 1.655 kg, багажник: 350/1.194 dm³, резервоар 50 литри |
перформанси: | максимална брзина 191 km/h, забрзување 0-100 km/h за 9,9 секунди, потрошувачка отворен пат/град/просек 3,9/5,3/4,4 l/100 km, емисија на CO₂ 103 g/km |
цена: | 17.460 евра со Active опременост (Allure +940 евра): +1.500 евра за автоматски менувач |