Полуларниот компакт од пролет на струја!
Пред една година, кога се лансираше новата генерација на 308, беше најавена нејзината потполно електрична варијанта. На ова претходеше комерцијализацијата на двете изведби со приклучен хибрид со моќност од 180 и 225 коњи.
Денеска од Елисејските полиња стигна потврдата дека од првата половина на следната година во продажба влегува и целосно електричната верзија која ќе биде понудена во двете каросериски изведби, хечбек и караван. Нив ќе ги задвижува нов електро мотор од 115 kW (156 КС) кој се напојува со батерија со нето капацитет од 51 kWh. Peugeot очекува потрошувачка зависна од моделот помеѓу 12,7 и 15,3 киловат часови на 100 километри, што значи стандарден опсег до над 400 километри. Овие параметри укажуваат дека електричната 308-ка нема да биде само едно од најубавите БЕВ туку и едно од најштедливите.
Ова е извонредно важен податок поради астрономското зголемување на цените на електричната енергија. Батеријата е претставник на новата генерација високо напонски батерии. Направена со нова хемиска рецептура, односно користи ќелии изработени од никел кој сочинувa 80% од легурата додека манганот и кобалтот рамноправни се во остатокот. Споменатата јачина од 115 kW се испорачува веднаш, заедно со максималниот вртежен момент од 260 Nm, а работата на моторот ја подржува оптимизираниот автоматски менувач. На јавна станица за полнење од 100 kW, Peugeot e-308 опремен со вградениот три фазен полнач, може да се наполни од 20 до 80 проценти за помалку од 25 минути.
Задржани се сите дизајнерски елементи како и кај атрактивната „класична“ изведба засилени со специјалните 18 инчни тркала кои користат пневматици за заштеда на енергија. Интересно е што на некои пазари веќе се примаат онлајн нарачки, а за нив испораката ќе се одвива на бараната адреса без наплата.