Opel

насловна

300 хибридни коњи за Grandland X

Покрај плаг-ин технологијата, најголемиот SUV на Opel сега доби и 4×4 способности

објавено на 14 мај 2019 година

Синергијата меѓу Opel и PSA групата продолжува да ја менува понудата на германскиот производител. Сега на ред дојдоа новите технологии, конкретно хибридниот плаг-ин погонски склоп кој најде свое место во Grandland X. Тој на најголемиот SUV на Opel му донесе 300 коњски сили, но и погон на сите четири тркала. Познат од 3008 кој е негов брат-близнак, тој е комбинација од 1,6 литарски турбо-бензинец и по еден електромотор на секоја оска. Предниот е спарен со електрифицираниот 8-степен автоматски менувач, а оној назад преку инвертер и диференцијал е интегриран во оската. Литиум-јонската батерија има капацитет од 13,2 киловат-часа и се полни за нешто помалку од два часа на посебен полнач. Од Opel велат дека Grandland X Hybrid4 може да помине 50 километри исклучиво на струја. Интересен е и системот за регенерација кој практично овозможува возење со една педала, без користење на сопирачките. Благодарение на сé, според фабричките податоци овој кросовер просечно троши 2,2 литри на 100 километри и има емисија од 49 грама јагленород диоксид на километар.

Официјалната продажба ќе му започне многу бргу, но првите купувачи чекаат за испорака на своите возила до крајот на годинава.