Opel Mokka – Нов Скопјанец

Веднаш во „шема“

Кросоверот на Opel лесно се вклопи во дневните урбани навики

објавено 18. јуни 2021

Од појавувањето со смелиот дизајнерски идентитет новата Мокка зрачи со силен магнетизам. На тоа се уверивме во прво лице на нејзиното претставување на домашната јавност. Модерно обликуваната каросерија со чисти и јасни линии проткаена со современи технолошки решенија се силен адут на компактот од Руселсхајм.

Поставена на нова основа, иста онаа како кај близнакот Peugeot 2008, воведува стандарди блиски на урбаните луѓе зависни од естетиката и технологијата. Иако е „мала“ по димензии Мокка е голема по својата опременост во која се вбројува новата дигитална инструмент табла, поврзувањето на паметните уреди и нивното интуитивно користење. Акцентот е ставен на ергономијата и лесното користење а оние што не се во неа ќе бидат предизвикани од едноставниот но моќен дизајн што ќе биде применет на сите идни производи на Opel.

„Новата Mokka е забавна, ефикасна и иновативна. И со право го носи слоганот „Помалку нормално. Повеќе Mokka.“ Овој модел го комбинира елегантното и чистото визуелно искуство со моќната експресивност. Секој детаљ на новата Mokka е внимателно креиран и осмислен така да се допадне на потенцијалните клиенти уште по првиот поглед. Се надеваме дека овој модел ќе им се допадне на клиентите и дека ќе предизвика во нив емоции кои дизајнерските експерти ги предвиделе при креирањето на истиот“ – Изјави Кирил Воиновски, Генерален Директор во Еуроимпекс.

Во сенка на првиот настан, организиран по рестриктивните мерки предизвикани од Ковид 19, паднаа деталните технички информации и цените за нашиот пазар. Нив ги оставаме за највеното тест возење кога ќе можеме по детално да се соочиме со манирите на новиот градски шмекер. Важно е што со Мокка полека, но сигурно, се враќаме во нормала!