Нема батерии, а е за десетпати поекономичен
Каков е електричниот автобус за Скопје?
Објавено на 18 февруари 2018 година
Од април, на скопските улици ќе се најде првиот електричен автобус. Тој е продукт на соработката на израелско-бугарската фирма Chariot Motors со вториот по големина кинески производител на автобуси Higer и водечкиот во светот производител на ултра-кондензатори Aowei. Производителот наведува дека станува збор за најнапреден електричен автобус чија употреба значително ќе придонесе за намалување на загадувањето на воздухот во урбаните средини. Нивниот автобус своите први километри како пилот-возило ги има поминато во 2014 година низ улиците на бугарскиот главен град. Главната карактеристика на како се наведува оваа нова генерација електрични возила е тоа што немаат батерии – место нив се користат ултра-кондензатори со висок капацитет, на кои се гледа како на потенцијален кандидат да ги заменат денес нашироко употребуваните батерии со хемиска реакција. Функционираат на истиот принцип како и KERS системот во болидите во формула 1 и теоретски имаат неограничен рок на траење, односно можат да се полнат безброј пати. Во пракса тоа зависи од употребените материјали за нивно производство, но факт е дека времето на полнење им е до десет пати пократко отколку на денес општо прифатените литиум-јонски батерии. Предностите им се побројни од недостатоците, меѓу кои најголеми се далеку помалиот капацитет односно автономија на движење што ја обезбедуваат (едвај 20-тина километри) и неколкукратно повисоката цена. На ова треба да се надодаде и недостатокот од искуства во нивната практична употреба, каде токму Chariot Motors ги прави вистинските пионерски чекори во Европа. Со овој вид складирање на електричната енергија во автомобилската индустрија имаат експериментирано Toyota, Mazda и PSA Peugeot Citroen, но без резултат практично применлив во големосериското производство. Внимание кон оваа технологија покажа MAN уште на почетокот на милениумот, но исто без конкретна примена.
Од Chariot Motors наведуваат дека пред да биде првото пилот-возило испратено за Европа оваа технологија е тестирана во Кина 7 години, време за кое автобусите со неа имаат поминато 8 милиони километри. Пилот-програмата која започна во Софија во 2014-та година беше под надзор на водечката европска лабораторија за тестирање на електричните автобуси од германскиот Ландшут универзитет. Таа покажа дека ваквите автобуси се идеални за употреба во урбани средини каде емитуваат нула емисии штетни материи, а трошат далеку помалку енергија од компаративните дизел автобуси. Интересен пример доаѓа од Белград, каде претпријатието за јавен транспорт оперира со 5 автобуси со оваа напредна технологија на линија долга 7,9 километри, и тоа 16 часа на ден, 7 дена во неделата. Терминалите на крајните постојки се опремени со полначи од по 150 kW кои за 8 минути ги полнат кондензаторите на возилото за поминување на потребната рута. Овие автобуси ланската студена зима без проблем оперираа на -14° C, исто како и во текот на летото на +40° C. Забележаната просечна потрошувачка е 1,1 kWh/km, а просечната помината километража по возило е 62.000 km годишно, со високи 97,5% оперативност кои се недостижни ниту за дизел автобусите. Во Тел Авив веќе возат 21 автобус по 14 часа на ден на линија долга 15 километри, а градските власти во Грац пред да се одлучат за нив ги собираат искуствата од двата автобуси опремени со ултракондензатори од 32 kWh чие тестирање ќе заврши во април. За нивно опслужување на крајните постојки се поставени уреди за полнење од 340 kW кои за две-три минути си ја вршат работата.
Вака наброено сето ова делува помалку конфузно но научниците од голем број институти и универзитети ширум светот кои го истражуваат ова поле едногласно се согласуваат дека се работи за технологија на иднината, нагласувајќи го фактот дека нејзиното производството но и складирањето на отпадните материи после истекот на животниот век не е токсичен за околината. Тие уште наведуваат дека за еден автобус да има капацитет за дневно оперирање во градскиот сообраќај треба да биде опремен со батерии тешки меѓу 4 и 4,5 тони кои зафаќаат неколку кубни метри простор. Ултра-кондензаторите развиени од шангајската компанија Aowei зафаќаат волумен помал од еден кубен метар и тежат помалку од еден тон. Плус на сé, за разлика од класичните батерии кај нив не постои опасност од пожар, а производителот дава 8 години гаранција на нив без ограничување на километражата. Севкупно се одликуваат со екстремно ниски трошоци за експлоатација и одржување – независни извори наведуваат заштеда од 200.000 долари во текот на животниот век на автобусот во споредба со соодветен дизел модел.
Автобусите на Chariot Motors со вградена технологијата од Aowei се базирани на 12-метарскиот нископоден автобус од најголемиот кинески извозник на автобуси Higer. Треба да се спомене дека оваа компанија како дел од King Long групата е кинески партнер на Scania. Се нудат во две изведби – со централен електромотор од Siemens и два електро-мотора од ZF сместени во главчините на тркала. Во првиот случај автобусот располага со номинални 140, односно максимални 180 kW. Вториот погонски систем е нов и овозможува максимални 2×125 kW кои директно се пренесуваат на задните тркала без посредство на преносен механизам. Ослонувањето и системот за кочење се од Wabco, оските и системот за управување од ZF, а вратите од германскиот Bode. Во поглед на експлоатационите карактеристики и два модела автобуси имаат идентични спецификации – тежина од 12,5 тони и капацитет за 82 патници. Можат да бидат опремени со кондензатори со капацитет од 20, 32 или 40 kWh. Битно е и тоа дека поседуваат европска хомологација.
Линијата број 15 на која шест месеци пробно ќе сообраќа автобусот на Chariot Motors е долга 10 километри. За негово опслужување на крајните постојки во Карпош 4 и Ново Лисиче ќе бидат поставени станици за полнење на кондензаторите. Техничките и финансиски детали за овој проект на градските власти на Скопје не се објавени.