Неизвесно до последниот метар

Финалистите ги покажаа своите квалитети - на европското AutoBest жири му останува уште малку време да одлучи кој годинава ќе ја понесе ценетата титула „Best buy Car of Europe 2019“
Објавено на 1 декември 2018 година
автор: Крумислав Барзов

Повторно на патеката АSC се собра AutoBest жирито за да ги оцени годинешните финалисти. За престижната титула „Best buy Car of Europe 2019“ се борат шест модели од кои три се технолошки близнаци, различни по вокација но со иста цел - да бидат продадени на што повеќе купувачи. Затоа Европското жири составено од 31 член, секој претставник на својата земја, ги подложи кандидатите на тестирања во сообраќај и во изолирани услови на патека за да што пореално ги оцени финалистите.

Состојбите во автомобилската индустрија сé повеќе се комплицираат од многу аспекти. Еден од нив е ширењето на понудата и зголемувањето на категоризациите на возилата. Таков пример имавме во текот на тестирањата на финалистите на AutoBest. Од вкупно шест финалисти имавме три многунаменски возила кои ги сметавме за едно бидејќи безмалку се идентични. Тоа се мускетарите на групацијата РЅА Citroen Berlingo, Opel Combo и Peugeot Rifter. На нив им се придружија уште три „класични“ автомобили Ford Focus, KIA Ceed и Toyota Corolla. Citroen C4 Cactus е во категорија за себе додека Dacia Duster во последен миг не се појави на тестирањата. Официјалното објаснување не беше баш конкретно но се споменуваа од моменталните состојби во групацијата па до техничките дотерувања на моторите за новите еколошки регулативи.

Првиот ден беше резервиран да се тестираат финалистите во отворен сообраќај. За тоа беа направени две рути кои опфатија автопат и локална патна мрежа во почироката околина на Павиа. Иако ги идеализираме италијанските патишта совеста ми налага да кажам дека мрежата на локалните патишта е во лоша состојба и во некои делници во далеку полоша од онаа која ја имаме во Македонија. Но таквата состојба ни оди од рака бидејќи евентуалните недостатоци на возилата полесно се забележуваат.

Трите мускетари на РЅА во овие услови се покажаа во добро светло. Тие нудат извонредно просторен и модуларен, паметно осмислен интериер, висока позиција на седење и моторизација што одговара на новите норми за емисија на штетни издувни гасови. Покрај тоа ставен е акцент на економичноста и возните својства. Таквиот приод при коструирањето дава могу добри резултати на употребливост, комфор и задоволство зад управувачот. Иако робусни близнаците се покажаа како добро решение за секојдневна употреба не само на меѓу градски релации туку и на лоша патна инфраструктура поради големото растојание од тлото како и во урбани услови поради добрата агилност и управливост.

Кога сме кај зголемената удобност и прилагодливост на секакви асфалтирани подлоги се наметнува и Citroen C4 Cactus. Неговата внатрешност е прекриена со интересна комбинација на платно, пластика и гума. Инструментите се групирани на два дисплеи од кои оној пред возачот е штур, се испишуваат само најосновните параметри. Нема никакви знаци на можностите кои ги имаат дисплеите на конкуренцијата како што се можност за менување на бои, графика и прикази на многу параметри. Кај Citroen C4 Cactus сé е упростено и подредено на комфорот. Возачот и сопатникот седат во фотељи, добро се изолирани од вибрации кои се резултат на лош асфалт а управувањето коренспондира со намената на ова возило - опуштеноста на сите што претстојуваат во кабината.

Од неодамна KIA Ceed е присутна на пазарот, но во рува кое не го очекувавме од оваа марка. Четвртата генерација на Корејскиот компакт изненади во многу параметри. Двете верзии, хечбекот со четири врати и караванот се цврсти, атрактивно дизајнирани и возачки ориентирани со нагласена спортска нота и динамичност каква се очекува од поетаблирани марки. Можеби на централната конзола малку е претерано со бројот на копчиња, но затоа ергономијата и удобноста се за пофалба. По извозената маршрута нема да штедам пофални зборови за управливоста, агилноста, динамиката на возењето и изборот на мотори.

Ford Focus господари на светскиот пазар од неговото појавување во 1999 година. Неговата четврта генерација покажа дека во иста должина може да се добие повеќе простор во внатрешноста. Намалената височина и зголемената широчина се одразија на смалувањето на центарот на тежиштето па така надалаку прочуеното подвозје, управливост и амортизација типични за „Синиот овал“ се надградени со извонредна агилност и динамика. Уште малку да се потрудеа дизајнерите во внатрешноста, Focus ќе беше беспрекорен фаворит на моето гласачко ливче.

Дванаесеттата генерација на Toyota Corolla доаѓа на пазарот во февруари идната година. За разлика од останатите финалисти таа единствена нема да има верзија со дизел мотор. Покрај екстремниот еколошки курс претставен преку нисколитражниот 1,2 литрен турбо моторо и два хибридни погони со 1,8 и 2-литрени агрегати јасно е дека нема да биде евтина и на некои пазари поради отсуството на дизел мотори ќе биде дочекана на нож, но таквиот прием не е ништо ново за Toyota. Слична реакција доживеа пред дваесет години Prius а денеска хибридната технологија посеана од овој модел се поздравува со почит. За почит е храброста во дизајнот на каросеријата со кого Toyota се ослободува од имиџот на автомобил со претерано здодевен изглед. Уште кога би се нашла поадекватна замена на гласниот менувач со континуирана трансмисија тогаш би можеле да зборуваме за „љубов на прв километар“.

На патеката во Вајрано која на времето ја користеше и Формула 1 тимот на Ferrari за тестирање на своите болиди пристигнавме во осум часот. Ведрото небо ветуваше одлично време за тестирање но ниската температура го направи своето. На некои делови на патеката имаше мраз па требаше да се вози претпазливо. Секој кандидат имаше по три автомобили на располагање па тест возењата се одвиваа без застои. Кога се крена температурата добивме идеални услови во кои можевме да ги возиме кандидатите „на нож“ со цел да добиеме јасна претстава и да можеме да ги комплетираме впечатоците за секој кандидат посебно.

Гломазната каросерија и високото растојание од тлото на Citroen Berlingo и Opel Combo не ветуваа силен впечаток за возење на патека. Сепак по поминувањето на кругот со 1,2 литрениот турбо бензинец со шест степен мануелен менувач и 1,5 литрениот турбо-дизел со осум степена автоматска трансмисија добив впечаток дека во гломазните и многу наменски каросерии на групацијата РЅА скриени се карактеристики кои позитивно изненадија. Не е дека со Berlingo или Combo можете да одите на трки, но сигурно нема да се препотувате пред секој свиок во кого влегувате со поголема брзина. Прекинувачите за менување на преносите зад управувачот кај изведбата со автоматски менувач можеби се претенциозни. Големата каросерија исполнета со детали наменети на функционалноста изобилува со простор, светлина и позитивна атмосфера. Џиновите на РЅА отвораат ново заглавие во историјата на многунаменските возила не само со практичноста туку и со возните својства за кои, од сега, може да дискутираме и во овој сегмент.

Citroen C4 Cactus е скроен пред се за удобност, а дури потоа за сé останато. Иако каросеријата многу му се наклонува и изразено е надуправувањето при подолеми брзини во свиоци не е сé така црно како што изгледа. Големите фотељи убаво го гушкаат телото и не дозоволуваат да се лизгате под дејство на инерцијата. Навистина во возењето го почувствував ефектот на „летечкиот тепих“ но во свиоците премногу се чувствуваа бочните „ветришта“. Имено, каросеријата премногу се навалува под дејство на инерционите сили. Тоа не се одразува на прецизноста на управувањето но сепак провоцира чувство како да се борите со возилото и дека во секој момент ќе почне да надуправува. Затоа ова е идеално возило за оние што на прво место го ставаат изгледот и комфорот, а возните својства се во нужно зло.Кога зборуваме за возните својства тогаш неминовно е да ги издвоиме останатите финалисти. Ford Focus, KIA Ceed и Toyota Corolla беа присутни со хечбек и каравански изведби. Сите три автомобили покажаа одлични возни својства. Сите стокмени да ги задоволат најновите WTLP норми, сепак Toyota се одлепува од своите два конкуренти со ниско ниво на СО₂ кое кај хибридните изведби е 92 грама на километар. За пазарите на кои традиционално се бара дизелот Јапонците ќе бидат во втор план бидејќи нив веќе ги нема во нивната понуда. Перформансите на забрзување потпомогнати со електриката не се импресивни но далеку од лоши. При забрзувањата се чувствува вишокот на килограми поради батериите и дополнителниот електромотор, работи кои знаат да ја „завлечат“ каросеријата во свиоци. Управувачот е премногу лесен поради што возачот нема доволна интеракција со асфалтот. Ова не оди во прилог на Corolla, но затоа декларираната потрошувачка од 5,2 литри на 100 км, еколошката прифатливост, надворешниот динамичен дизајн, имиџот на најпродаван автомобил во светот и најиздржлив во класата се факти пред кои и Боговите молчат.

Вообичаено за Ford се надмоќните возни својства за сите модели, без оглед дали се тоа лимузини, спортско-корисни или доставни возила. Кај Focus има дури три типа на потпирање. За послабите верзии на задните тркала се поврзани со торзиона оска додека кај верзиите со посилни мотори задните тркала независно се поврзани со каросеријата (Multi Link). Кај ова поврзување се користат пружини во форма на банана кои го буткаат задното надворешно тркало во насока на движењето во свиок со што се добива подобро припојување на тркалото со подлогата. За караванската каросерија има адаптирано потпирање на задната оска наречено SLA систем каде пружините се во лежечка позиција, скоро хоризонтални со што се здолемува просторот во багажникот. Затоа потпирањето е максимално прилагодено на изведбата на автомобилот а доминира со своите манири во сите сценарија на возење, особено на патека. Комфорната позиција на Focus сериозно ја нарушува KIA Ceed која, исто така беше понудена во хечбек и караванска изведба. Досега за Ceed секогаш се говорело како за разумна замена за ѕвездите од сегментот „Ц“. Со најновата генерација работите можат да се сменат. Сега Ceed не е така евтин, но за тоа има многу аргументи. Ова е првиот модел на Корејците кого го гледам со емоции. Неговиот надворешен изглед е сублимат на пропорции и детали кои зрачат една многу поинаква енергија. Внатрешноста е изработена со внимание и квалитет. Далеку од тоа дека е совршена, но уште подалеку дека е просечна! Вистинското изненадување се случи при возење на патека каде свиоците ги голташе како локуми. Одличното управување впарено со тврдото потпирање дава вистинска доза на енергичност која се испорачува од бензинскиот 1,4 T-GDI или 1,6 литрениот дизел. Автоматскиот менувач со седум преноси работи избалансирано дозволува излети до црвената зона, а кога треба може да ги нареди сите преноси веќе до брзина од 60 километри на час.

Кој ќе ја понесе титулата Best buy Car of Europe 2019 ќе се дознае во средината на идниот месец кога е крајниот рок сите членови на жирито да ги пратат потполнети своите матрици за гласање. Едно е сигурно, а тоа е дека ништо не е сигурно се додека не се соберат поените.

Како гласа AutoBest жирито

AutoBest жирито е составено од 31 новинар кој впрочем ја застапува својата земја во ова најголемо независно жири во светот. Значењето на титулата Best buy Car of Europe е големо и ценето меѓу производителите од фактот дека ова жири е составено исклучително од специјализирани автомобилски новинари, професионалци кои уживаат признание и углед не само во средината која ја претставуваат туку и на меѓународната сцена. Втората причина е матрицата за гласање која е комплексна и ги опфаќа сите категории според кои купувачите може да се раководат при купување на автомобил. Тука се вклучени 13 категории од дизајнот (внатрешен и надворешен), управливоста, динамичноста, вградените технологии, комфорот, употребливоста, безбедноста па до потрошувачката, еколошката прифатливост, цената, дистрибутивната мрежа, достапност на резервни делови и сервисирање. Секој член на жирито, според матрицата за гласање, има на располагање 240 поени стриктно ограничени по секоја од наведените критериуми. По гласањето на сите членови на жирито до 15 декември ќе се знае лауреатот за 2019. Гала вечерта за доделувањето за главната и споредните награди ќе се одржи на седми февруари во Брисел.

АЅС - Вајрано

За лошата патна инфраструктура веќе се изразив. Сепак во околината на Павиа се наоѓа автодромот АЅС или популарно наречен Вајрано кој е во сопственост на ревијата Quattroruote. Со вкупна должина од 8.000 метри оваа патека нуди сé што треба за да се оцени автомобилот и повеќе од тоа. Таа е погодна за трки и за тестирања на најбрзите конструкции на четири тркала. Членовите на AutoBest ја користат за целосно искушување на финалистите. Првиот дел е составен од брзи свиоци кои се претопуваат во технички каде се доживуваат сите карактеристики на потпирањето, амортизацијата како и на еластичноста на моторот и неговото впарување со менувачот. Вториот дел е сочинет од два големи правци. Едниот се користи за достигнување на максималната брзина на возилата, сопирачкиот систем и способноста безбедно да се помине „тестот на елените“ односно колку безбедно може да се избегне ненадејна пречка на патот со нејзино заобиколување во рамките на коловозот. Потоа, на мокриот дел од патеката, се подвргнува на тестирање сопирачкиот систем при влажен коловоз. Кругот се завршува на правецот дотеран за тестирање на комфорот чија подлога има вештачки направени нерамнини кои го доведуваат подвозјето во ситуација на крајни можности. Движењето на полигонот за возење на мокра подлога е ограничено на 40 км/ч додека при оценувањето на комфорот на 50 км/ч.

клучни зборови: AutoBest

Гледај, слушај, уживај

  • Авто Магазин

    Сезона 23 Епизода 9

    повеќе

Видео на денот

  • BMW X7

    Ново ниво баварски луксуз

    повеќе

Цени на горивата

еуросупер 95 61,50
еуросупер 98 63,50
еуродизел Д5 58,50
биодизел Б6 59,00
течен нафтен гас 32,00
метан 39,50

Фото галерии

  • AutoBest 2019 Final Test

    Ваирано, Милано

    повеќе