Mini Cooper SE

насловна

Силен и тивок, но сепак оној познатиот

И тој тргна на струја – Mini Cooper SE има електричен погон, со кој на пазарот ќе стигне догодина

Објавено на 10 јули 2019 година

Тврдејќи дека Mini Cooper SE е комбинација на прифатлива автономија за градски автомобил со очекуваната за оваа марка перформанси и агресивна цена, BMW групата на посебен настан го претстави првиот електричен Mini. Овој долго очекуван модел кој сега е сериски, а не како претходните лабораториски производ, е засниван на познатиот тривратен хечбек. Cooper S ознаката треба да ги дефинира неговите перформанси и цена која сé уште не е позната, но добро се знае дека ќе има автономија од некои 250 километри и погонски склоп презеден од BMW i3s со 184 KS. За чување на струјата се задолжени 12 модули високонапонски литиум-јонски батерии од 32,6 kWh, поставени под совозачкото седиште во облик на буквата Т. За разлика од својот донатор, електромоторот ги задвижува предните тркала кои до 100 km/h ќе се свртат за 7,3 секунди. Максималната брзина му е ограничена на 150 km/h, а од бензинскиот пандан е потежок за само 145 килограми.

Од Mini велат дека за полнење на батериите до 80 отсто со брз полнач од 50 kW ќе требаат 35 минути, а преку домашен полнач од 11 киловати два ипол часа. Уверуваат уште и дека се вози и однесува како и секој друг Mini, со тоа што има три режими на возење – штедлив, нормален и спортски. Новост е ефикасниот систем за контрола на пролизгувањето наречен ARB, кој надгледува предните тркала да не изгубат контакт заради големата електрична сила. Однадвор е скоро сосема ист, со исклучок на некои единствени детали кои ќе го разликуваат. На пример, предната маска која му додава 17 mm во должина заради прописите за безбедност на пешаците и изменетите браници, посебно оној назад на кој веќе ја нема издувната цевка. Дизајнерски посебно се обликувани и тркалата, а деталниот поглед низ спецификациите ќе открие и за 18 mm поголема височина како резултат на потребниот простор за батериите. И надградбите на ентериерот се суптилни, но веднаш препознатливи. Заради електричниот погон, зафатнината на багажникот му изнесува 211 литри.

Кога ќе тргне во продажба, Mini Cooper SE ќе биде на располагање во три изведби. Официјално ќе биде претставен на салонот во Франкфурт, а производството кое ќе му започне во ноември ќе се одвива во Оксфорд, на истата производствена линија како и моделите со конвенционални мотори.