Mercedes GLB (со видео) :: Ги оправда очекувањата

Ги оправда очекувањата

Новиот модел на Mercedes со право беше нарекуван бејби G-класа

објавено на 16 април 2019 година

Кога за прв пат во 2016-тата се спомна дека Mercedes го подготвува GLB, сите се прашуваа дали навистина на Германците им треба уште еден кросовер. Но тие веднаш одговорија дека новиот модел нема да биде таков. Замислата им беше да креираат возило кое нема да ги следи трендовите, туку верно ќе го почитува наследството на легендарната G-класа. Со други зборови кажано нема да биде помоден и урбан автомобил, туку реален предизвикувач на теренското возење. Затоа очекувајќи дека навистина ќе биде таков, јавноста веднаш го нарече бејби G-класа.

А тој ги оправда очекувањата во целост. Иако е поставен на истата компактна платформа како и GLA, од него доста се издвојува. Најмногу по робусноста, која ветува издржливост во битката со тешко проодните патишта. Според зборовите на Дитер Цече, тој е практично спортско-корисно возило чиј погон на сите четири тркала нуди многу повеќе од обично возење на асфалтот и надвор од него. Спротивно на ознаката, GLB всушност е поголем од GLC. Пократок е од него за 4 сантиметри, но е значително повисок и има три реда седишта и место за седум патници. Прогресивното уживање во возењето како кај повеќенаменскиот GLA е напуштено и тој со своите груби линии верно навестува за што е наменет. Иако засега е концепт, во однос на ова не се очекуваат некои големи отстапувања кај сериската верзија. Таа ќе биде покажана во Франкфурт, кога точно ќе се знае и моторизацијата на идната бејби G-класа. За ова прво прикажување таа во себе имаше дволитарски мотор со 224 коњи и 8-степен менувач со двојна спојка. Постојаниот погон на сите тркала променливо ја распределува силината напред и назад, на што ќе влијае и возачот со изборот на режимот на работа. Внатрешноста во целост е изведена како и кај останатото компактно семејство на Mercedes, од кое GLB се разликува по споменатиот трет ред седишта кои се вовлекуваат во подот на багажникот. Значајно е и тоа што тие вообичаено не се изведени како помошни, туку нудат удобно сместување за двајца патници со средна големина. Луксузот измешан со модерното и тука е присутен, до препознатливото ниво за еден Mercedes.

Надворешноста изобилува со мускулести облини и јасни и нагласени површини. Редуцираните линии и прецизните премини меѓу нив донесуваат чувство на леснотија и семоќност. Кратки превиси и скоро вертикално исправениот преден дел со впечатливите ЛЕД светла делуваат како јасен доказ за off-road гените. Теренскиот карактер го нагласуваат и заштитните облоги и грубите тркала со кои беше опремен концептот. Со оглед на презаситеноста од шминкерски кросовери, Mercedes GLB можеби го покажува правецот во кој во иднина ќе развива теренската гама на марката. Тоа би значело враќање кон корените од пред 40 години, кои G-класата ги посади како стандард кој никогаш нема да застарее.

Видео

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER