Mazda 3 SkyactiveX AWD – забава до безсвест

Македонија Тест

Конечно комплетна

Надополнувањето на понудата е крунисано со верзијата со најсилниот SkyactiveX мотор и погон на сите тркала

објавено 21 август 2020

Во последните дванаесет месеци седнав дури три пати зад воланот на Mazda 3, два пати во хечбек и еднаш во седан верзија. Овој последниот го сметам за далеку највозбудлив бидејќи автомобилот зборува сам за себе. Изработен е како и секој егземплар кој се произведува во Јапонија. Прецизен, полн со технологија, но зреењето на марката од Хирошима силно е нагласена во повеќе елементи. Пред се тоа е изгледот кој го оправдува прекарот јапонски Alfa Romeo. Стајлингот на Mazda 3 може да се оцени како пропорционален и складен. Од друга страна забележливи се елементи на блага агресивност кои ги разбиваат мазните линии на контурата. Тоа е случај со светлосните групи кои не доминираат на целата површина, но со своите три димензионални форми оставаат силен впечаток. Така, фаровите јасно ја дефинираат и врамуваат предницата на која доминира хексагоналната маска. Страничната контура со чисти линии има ниска контура која е поставена на 18 инчни црни алуминиумски бандажи. Задниот дел го заокружува динамичниот впечаток со високо поставениот спојлер и нагласените стоп светла. Ваквата слика најавува дека се работи за ”бомба на тркала”. Кога ќе се влезе во внатрешноста повеќе од јасно е дека се наоѓате во каросерија која изобилува со технологии, опременост и дизајн да плени. Иако контурата е ниска и спортска место има во сите смерови. Дури и школкесто обликуваните седиштата се удобни и не се пренагласени маргините. Нивната тврдост се вклопува во спортската ориентација која може на возачот на подолги релации да му даде доза на неудобност, но кога возите претенциозно, имате амбиции да ги пеглате свиоците и да нема возило пред вас, тогаш таквите седишта злато вредат.

Дигиталната инструмент табла ги содржи сите потребни индикатори, но за агресивните возачи поважен е дисплејот што ги проектира параметрите на ветробранското стакло (head up display) и воозможува погледот секогаш да биде на патот а возачот да ги добие неопходните податоци. Амбиентот во внатрешноста го краси новиот 8,8 инчен дисплеј во боја, но токму на него се гледа тврдоглавоста на компанијата. Тој не е осетлив на допир туку се командува од ротирачки прекинувач сместен на централниот гребен. Целосно интериерот остава впечаток на одлична изработка, многу добро се искомбинирани кожните, пластичните и металните површини, а играта на овие три материјали е доведена на премиум ниво. Во хечбек каросерии како да се очекува на задните седишта да отсуствува простор. Сепак тоа не е случај кај Mazda 3. Визуелниот ефект добиен од црниот покривен тапацир и нешто помалите стаклени површини на задните врати е клаустрофобичен, но кога ќе се седне на задната клупа резултатот е позитивен. Има доволно простор за главите, рамениците и нозете. Иако се работи за задни седишта изработката е на подеднакво високо ниво како и на предните седишта! Mazda отсекогаш била инженерски ориентирана компанија, обидувајќи се да даде поинтересни иновативни технички решенија за своите производи. Најдобар пример за тоа е возениот примерок на ”тројката”. Покрај најсилниот SkyactiveX мотор оваа изведба има перманентен погон на сите тркала што е повеќе од разумен потег. Тоа е комбинација која гарантира одлични возни својства, а со шест степениот автоматски менувач пружа можност за голем комфор во користењето. Mazda ги прави работите поинаку од другите производители на автомобили. Не е изненадувачки што погонот на сите тркала е уникатен од перспектива на софтвер додека хардверот е прилично познат, во главно пренесен од сегашниот CX-5 со некои направени измени што ги намалуваат загубите на тракцијата и до 70%. Механиката со вратило ја пренесува силата на моторот на задните тркала а ја контролира електро хидраулична спојка што се користи за погонување на задните тркала. Така скоро 50 проценти од вртежниот момент на моторот може да биде испратен назад, а целиот хардвер тежи околу 100 килограми. Системот е повеќе проактивен отколку реактивен.

Онаму каде што многу системи со погон на сите тркала го пренасочуваат вртежниот момент кога тркалото ќе се утврди дека пролизгува, кај Mazda 3 на сцена стапува активната контролата на векторирањето (G-forceVectoringControl) која помага во менување на притисокот врз преднитe тркала со намалување на вртежниот момент на моторот и сопирачките, додека системот за погон на сите тркала праќа вртежен момент на задните тркала. Во пракса тоа овозможува во свиок, доколку се јави надуправување, тогаш  GVC престанува да го намалува вртежниот момент на моторот и системот за погон на сите тркала испраќа повеќе сила на задните тркала, балансирајќи го оптоварувањето на секое тркало. Кога автомобилот се наоѓа на излезот од свиокот, GVC ја активира надворешната предна сопирачка додека погонот на сите тркала ја менува моќноста кон предниот дел. Кога ќе се јави подуправување процесот се одвива во обратен смер. Така каросеријата останува стабилна, управувањето неверојатно прецизно а траекторијата се одвива како возилото да се движи по шини! Како и да е, благодетот на оваа технологија ги чувствува возачот. Во пракса тоа е извонредно искуство, а него може да го доживеат само оние кои имаат ”тешка нога”. Дури кога добро сте ”усвирени” и влегувате во свиок тогаш сета теорија која ви ја опишав ви станува јасна. Интересно е поради варијабилата на оптоварувањето на оските повремено се јавуваат гумите со ситно цвилење а не со перманентно чкрипење. Дури и зададениот правец со воланот нема потреба да се корегира. Навистина феноменално чувство! Единствено работењето на автоматскиот менувач не коренспондира со моторот и погонот на сите тркала. Тој е прилично несмасен.

Кога е во автоматски модус на работа често реакциите му се задоцнети, како да размислува што треба да направи а често и се премислува. Кога се вози полека и во град неговата работа е одлична, но кога сакате возбуда тогаш препорачливо е самите да ги менувате преносите. За тоа, му благодарам на Севишниот, има прекинувачи зад воланот. Нивната реакција е молневита и лесно се поигрувате со преносите. Тогаш Mazda 3 се претвора во автомобил што ви пружа извонредно искуство каде силата на моторот е лесно воочлива и апликативна. Без турбо полнач од четирите цилиндри се извлекуваат 180 коњи сосема доволни за одлична динамика. Како дополнување на возбудата доаѓа новиот 24 волтен хибриден систем кој има литиум-јонска батерија, како и технологијата за деактивирање на цилиндрите. Така дво литарскиот четири цилиндричен мотор нуди подобрена економичност на горивото и намалување на штетните издувни материи. Просечната потрошувачка на гориво во реално извозените 680 километри беше 7,2 литри на изминати 100 километри. Тоа е постигнато со Skyactiv-X технологија на палење на бензинот под компресија, како кај дизел моторот. Овој мал автомобил можете да го возите со голема брзина, без да морате нервозно да го стегате воланот, и да го имате чувството дека возите во непознат смер.

Во секој момент го чувствувате цврстото ”заземјување”, стабилноста и удобноста. Ова е инспирирачко возило кое во целост го избегнува ефтиното чувство на некои економични автомобили. Впечатокот е дека сè е совршено направено и природно, освен можеби за непотребно паничните звучни сигнализатори на безбројните сигурносни системи. Mazda 3 дава силен контраст во сегментот, дури и од премиум претставниците. Тука Mazda не се срами да ја истакне својата висока цена. Возениот автомобил ми пружи задоволство во секој изминат километар. Ми дозволи шампионски да ги пеглам свиоците, да постигнам високи брзини на движење исполнети со чувство на сигурност и стабилност. Во ниту еден момент на возењето, па макар сум претерал по сите основи ја немам почувствувано кнедлата во грлото како кога ми ја соопштија цената. За да ја наведам сета опременост ќе ми треба можеби повеќе простор отколку што одвоив за моите впечатоци од возењето. Спецификацијата на опременост бележи пет полни страници… Или, по едноставно кажано, лесно и кратко ќе биде да се направи списокот на работи кои ги нема. 37.130 евра до регистрација е амбициозна цена за припадник на компактната класа па макар бил раскошно опремен и технолошки супериорен. Но Mazda е компанија која не е само технолошки ориентирана. Во нејзината ДНК е воведување на нови технологии, подобрување на постоечкото, уривање на здодевното и наметнување на возбудливото, па макар тоа било и на ценовно поле!