Електрични возила :: Маските започнаа да паѓаат

Маските започнаа да паѓаат

За прв пат во човековата историја, една држава започнува да им наплаќа повеќе на сопствениците на електрични возила затоа што тие не трошат бензин
Објавено на 3 јануари 2017 година

Кога електричните возила се во прашање, сé досега сите се чукаа во гради нудејќи разно-разни бенефиции за нив и попат собирајќи политички поени. Но во сојузната американска држава Мичиген сопствениците на електрични возила ќе плаќаат поголеми даноци за нив. Причината е исконска – парите се во прашање. Секој буџет во добар дел се полни од продажбата на горивата, кои електромобилите не ги конзумираат. Со тоа тие директно влијаат на чекмеџето на државата и прашање на време беше кога некоја администрација ќе реагира на овој начин – со дополнително оданочување на електричните, но и хибридните возила. Во Мичиген засега тоа е повеќе од симболично – 235 долари годишно, но спиралата е започната. Вистинското прашање е кој и со колку ќе следи. Зборот ‘кога’ намерно не го споменуваме. Ако е за оправдување, државната каса на Мичиген е за 7,3% попразна во однос на давачките собрани од продажбата на бензин.

На ова експертите предупредуваа уште од раните почетоци на електрификацијата на возилата. Според нив најреалната пречка за реално омасовување на електричниот транспорт не е она што ги одвраќа на возачите – малата автономија и високата цена. Ниту пак техничко-логистичките недостатоци во поглед на долгото време на полнење на батериите и непостоењето разгранета мрежа полначи. Вистинските проблеми се од економски причини – фискалното влијание врз државните буџети но и потребата од нови енергетски капацитети, што повторно е државна грижа. Со други зборови кажано, сé додека електричните возила се егзотика на патиштата тие ќе бидат добредојдени и широкоградо пречекани. Но во тој момент кога нивното присуство ќе започне да се чувствува, ќе следи реакција.

Мичиген го проби мразот на политичко-еколошката коректност со покачувањето на давачките за електричните автомобили. Детроит е мека на американската, па и светската автомобилска индустрија. Автомобилите таму се истото што и тутунот за Прилеп или грозјето за Кавадарци. Чепкањето во нивната иднина директно значи и загрозување на егзистенцијата. Затоа и со оваа мора да кажеме преуранета мерка, се влијае на брзината со која електричните возила ќе си го пробиваат патот до местото во општеството предвидено за нив. Забавувањето на овој неминовен процес значи екстра неколку години за прилагодување на автомобилската индустрија од која Детроит, Мичиген па и Америка живеат.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER