Интервју со Грем Вилкинс и Вејн Бурџес од Jaguar Land Rover

На салонот во Франкфурт имавме можност во опуштена атмосфера да разговараме со првите луѓе на Jaguar Land Rover задолжени за инженерингот и дизајнот. Еве што тие мислат за новиот E-Pace, електричниот i-Pace и воопшто за возилата на марката и трендовите во индустријата
Објавено на 17 септември 2017 година
разговорот го водеше: Крумислав Барзов


Wayne Burgess

Една од карактеристиките на возилата на Jaguar Land Rover се перформансите. Од друга страна пак, автомобилските компании сé повеќе се притиснати да произведуваат еколошки модели, да употребуваат електрични технологии и слично. Која е иднината на Jaguar во овие насоки?

Вејн Бурџес: Некои од темелите на кои е изграден брендот Jaguar се пеформансите, забрзувањето, управливоста, рафинираноста… И електричните возила всушност ви го даваат истото тоа - забрзуваат многу ефективно со максимум вртежен момент од нула вртежи, имаат пониско тежиште заради што доста се стабилни, а се и исклучително тивки, така што сé она што се цени кај Jaguar кај нив е уште поизразено. Со брзото темпо на развој на технологиите перформансите се зголемуваат, а историските пречки за електрификација отстрануваат, со што може многу подобро да се дизајнира возилото затоа што тоа нема мотор со внатрешно согорување, а и трансмисија исто така е отстранета. Кабината се зголемува што е всушност она што го сакавме и ако го погледнете i-Pace ќе видите дека ние ја поместивме кабината понапред и ја направивме да биде скоро две третини од возилото, така што има многу простор. За мене како дизајнер преминувањето кон електричните возила е доста возбудливо затоа што тоа ни овозможува многу нови пристапи.

Но очигледно е дека електрификацијата не е завршена работа - сé уште многу клиенти сакаат возила со внатрешно согорување, ги сакаат најбрзите коњи под хаубата…

Вејн Бурџес: „Воопшто не е прашање дали ќе преминеме на електрични возила, туку кога“Да, и ние сигурно ќе имаме транзициски период. Tоа неизбежно ќе се случи. Во моментот мислам дека луѓето доволно се изложени на предностите на електричните возила. Tesla постави тренд дека електричните возила можат да се возат и екстремно брзо. Тие толку брзо забрзуваат што е тешко да се контролираат…

И моите искуства со Tesla се чудни. Тоа е популарен, модерен автомобил но на брзина од над 100 километри се јавуваат проблеми со управувањето. Предниот дел се подигнува и на управувачот имате чувство дека возите брод.

Вејн Бурџес: Тоа нема да биде проблем кај нас - ние имаме генеричко искуство за возните својства.


Graham Wilkins

Грем Вилкинс: Нормално е дека Jaguar подобро може да се справи со таквите работи отколку луѓето од Tesla. Ние сме научени да правиме перформансни возила и да се справуваме со управливоста и при ниски и при високи брзини и затоа i-Pace ќе биде успешен.

Очигледно ќе имате и два-три други модели освен i-Pace во наредните години - купе, можеби лимузина. Тоа е логично, нели?

Грем Вилкинс: Значи сте слушнале дека до две илјади дваесет и некоја ќе имаме за секој модел електрична и хибридна опција. Без да специфицирам што, тоа ќе се случи, но изборот е многу важен бидејќи секој купувач сака нешто друго, секој пазар не е ист и во право сте, затоа и понатаму ќе продолжиме доста да инвестираме во моторите со внатрешно согорување, но балансот сé повеќе ќе се поместува. Мислам дека уште долго време луѓето ќе бараат конвенционални и хибридни модели.

Што очекувате од E-Pace? Тој е скок сам по себе како конкурент на Porsche Macan и другите премиум модели. Сегментот расте по волумен и имате шанси за добри бројки со E-Pace, ама дали цената ќе биде конкурентна или ќе биде многу поскап од другите?

Грем Вилкинс: Не, во никој случај нема да биде многу поскап. E-Pace ќе биде многу конкурентен со цената во сегментот, бидејќи ќе биде влезен модел на марката, така што она што го очекуваме е да се продава во поголеми количини. Затоа и го позициониравме за сосема нова целна група купувачи. Во Велика Британија тој стартува под 30.000 фунти и се осмелувам да кажам дека тоа е многу поконкурентно од, на пример, BMW.

Вејн Бурџес: Тоа е колку Range Rover Evoque и нормално, многу е возбудливо да внесете сосема нов вид клиенти кај брендот. Тие ќе го препознаат E-Pace како Jaguar, ќе бидат привлечени од автомобилот кој нема да биде скап туку прифатлив. Се надеваме дека ќе дојдат кај нас со E-Pace а ќе останат префрлајќи се на другите поголеми модели. Ќе имаме повеќе SUV возила - F-Pace кој е фантастичен автомобил но за жал е релативно скап, ама затоа под него го имаме E-Pace.


Wayne Burgess Како ќе ги опишете типичните купувачи на E-Pace?

Вејн Бурџес: Тоа се млади деловни луѓе од 30 до 40 години со семејство, со едно или две деца, на кои им треба простор, практичност, места за ситници. Јас самиот имам две мали деца и секогаш ми треба простор за складирање на работите во автомобилот. Знам дека тоа пазарот го бара, сите сакаат да возат SUV, богато опремен, да има големи врати што широко се отвораат, простор за сé и сешто, да можат да ги полнат телефоните, што значи дека знаеме што младите семејства бараат и што им е важно.

Грем Вилкинс: Ова е можност да имаат одличен автомобил со добар дизајн, а во исто време да направат и практичен избор.

Вејн Бурџес: Ќе ја ценат и естетиката на кабината на возилото и ќе уживаат во возењето. За некој кој прв пат ќе вози Jaguar ќе биде многу пријатно изненаден од тоа како возилото е управливо, колку е агилно. Ги има сите елементи што прават да се доживее искуството да се вози Jaguar. Ќе бидат навистина импресионирани од возилото. Јас секогаш прво ги споменувам возните својства и мислам дека Jaguar направи супер работа со E-Pace.

Едно хипотетичко прашање - какви импресии ќе има типичниот купувач на Jaguar при возењето на E-Pace, затоа што тој има над 40 години и многу ги цени наследството на марката, спортското чувство, одличниот дизајн, техниката внатре… Затоа, каков впечаток тие ќе имаат за E-Pace?

Грем Вилкинс: 
Graham Wilkins И тие дефинитивно ќе препознаат дека е Jaguar. Јас скоро и ќе спорам за тоа дека автомобилот изгледа повеќе како Jaguar, спортски, со аеродинамични форми, што значи иако секој Jaguar е различен, гените се исти. Секогаш очекувате еден Jaguar да биде возбудлив, прецизен, да го имате истото чувство за управување, но и да биде конкурентен. Ставивме многу софистицирана задна оска која е иста како и кај F-Pace, XF и XE, што значи дека ќе биде и комфорен, затоа што луѓето секогаш го очекуваат и тоа.

Вејн Бурџес: Исто така луѓето очекуваат Jaguar да има и одлична внатрешност. Работевме доста напорно и бевме фокусирани не само на возните својства, туку и на материјалите што се користени во автомобилот. На пример, E-Pace има многу меки облоги на инструмент таблата, а кај подинамичните верзии се среќаваат контрастни лајсни и двојни шевови на седиштата. За едно возило од 30 илјади фунти има многу графички детали, така што иако е влезен модел, ќе го добиете тоа што го очекувате од Jaguar - богат изглед и мајсторска изработка.

клучни зборови: ексклузивно, Jaguar Land Rover

Гледај, слушај, уживај

  • Авто Магазин

    Сезона 22 Епизода 40

    повеќе

Видео на денот

  • BMW X5

    Поголем, полуксузен, поатрактивен

    повеќе

Цени на горивата

еуросупер 95 72,00
еуросупер 98 74,00
еуродизел Д5 64,00
биодизел Б6 64,50
течен нафтен гас 32,50
метан 35,00

Фото галерии