Imagine by Kia

насловна

Замислете го светот на автомобилите поинаков

Kia на салонот на автомобилите во Женева покажа како го замислува светот на автомобилите во иднина

Објавено на 8 март 2019 година

Со својот нов концепт Kia не само што поодлучно навлегува во електричниот сегмент, туку и сака визуелно да нѝ ги претстави стремежите на марката према возбудливиот дел од иднината. Новиот концепт наречен Imagine by Kia е создаден во студиото во Франкфурт и претставува отелотворение на дизајн кој предизвикува емоции. Засега со нејасни реални можности еден убав ден да станат вистински, но сепак доволни за да го забрза пулсот. Емоционалниот пристап кон електрификацијата во фокус ги става луѓето и во потполност е во согласност со гордоста со која Kia се дистанцира од рационалното размислување. Неговите агресивни линии прикажуваат возило со четири врати кое тешко може да се смести во некој од постоечките сегменти. Складно ги комбинира елементите на мускулест спортски теренец, елегантна и спортска семејна лимузина и сестран и простран миниван.

Интелигентната преработка на единствената маска на Kia која потсетува на нос на тигар е дополнета со стилски елементи кои создаваат препознатлив изглед. Стаклото од едно парче употребено кај ветробранот и на покривот пружа чувство на пространост, а завршува со единствените двојни меури преку задниот дел на патничката кабина. Плус на сé, широките рамења, тесните стаклени површини и динамичниот профил веднаш го привлекуваат вниманието. Imagine by Kia место класични ретровизори има камери, а во внатрешноста се среќаваат дури 21 екран со висока резолуција. Сместени се синхронизирано на врв на командната табла, така што изгледаат вообичаено и ускладено.

За жал изостанаа и конкретните детали за плановите за неговата иднина. Сепак во некаква сериска форма не треба да го очекуваме пред крајот на идната година.